Kosheen донесе енергичен настап на сцената во МКЦ

Вчеравечер, на 18 октомври, легендарниот британски бенд Kosheen ја одбележа својата 25-годишнина со спектакуларен концерт во Младинскиот културен центар во рамките на офф-програмата на Таксират фестивалот. Со својата специфична комбинација на електронска музика, рок и драматични вокали, бендот ги воодушеви присутните, потврдувајќи зошто и по две децении остануваат на врвот на музичката сцена.

Од почетокот на концертот, енергичната пејачка Siân Evans го освои вниманието на македонската публика, поздравувајќи ги со топли зборови за нивната гостопримливост и љубов кон природата. „Не е чудо што сте толку добри луѓе, природата што ве опкружува ви дава таа посебна добрина,“ изјави таа, осврнувајќи се на убавината на Македонија.

Публиката имаше можност да ги чуе најголемите хитови на Kosheen како „Hide U“, „Catch“, „Hungry“, и „All In My Head“, песни кои не само што ги донесоа на врвот на светските топ листи, туку и оставија траен белег на генерации кои пораснаа со нивната музика. Вториот дел од концертот беше вистинска музичка носталгија, каде публиката заедно со бендот ги пееше добро познатите рефрени.

Kosheen повторно се вратија во Скопје по 23 години, носејќи со себе цела една ера на музика и спомени. Концертот беше совршено изведен, со професионална продукција и звук, при што секоја песна звучеше како вистинско музичко ремек-дело. Оваа магична вечер само ја зацврсти врската помеѓу бендот и македонската публика, која со нетрпение чека следна можност за повторна средба.

Фотограф: Соња Ставреска Кирковски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни