„Со молчењето стигнавме до овде.“ Ова беше денешниот апел на граѓаните кои излегоа на протест во Кочани, барајќи одговорност за трагедијата што ја потресе земјата. Тие порачаа дека е време за масовност, заедничка борба и јасно изразување на револтот против системот кој, како што велат, е трул од корупција.
„Корупцијата е втемелена во секој аспект на нашето општество. Таа не убива секој ден. Мораме што побргу да се пресметаме со неа бидејќи, ако не го направиме тоа, ќе продолжиме да губиме животи,“ вели еден од присутните.
Протестантите беа категорични дека од надлежните институции не очекуваат многу, потсетувајќи дека слични трагедии во минатото не резултирале со конкретни мерки или одговорност.

„Градоначалникот кој денес си поднесе оставка направи прв чекор. Но тоа не е доволно. Целиот систем е скапан, а пред лицето на правдата треба да излезат многу чинители,“ коментира Стојан Рашков, фотограф и еден од учесниците на протестот.
Граѓаните беа гневни и разочарани од долгогодишната негрижа за безбедноста. Некои од нив сведочеа дека веќе со години предупредувале на опасностите.
„Секогаш сум велела дека тоа диско не личи на диско. Личеше на објект што не треба да се живее во него, а не да се собираат над 500 луѓе и да се организираат забави. И што се случи? Најжално, најжално, немам зборови…“ изјави Гордана Иванова, една од протестантите.
Толпата продолжи да се движи кон Општина Кочани, извикувајќи „Секој еден може да биде следен!“, испраќајќи силна порака дека никој не е заштитен од системот што, како што велат, ги остава граѓаните на милост и немилост.
Протестот беше емоционален, исполнет со болка и револт, но и со јасна порака – граѓаните не сакаат повеќе да гледаат трагедии што можеле да бидат спречени. „Доста е! Време е за правда.“