По Втората светска војна, мафијата на Сицилија доживеа невиден подем, а Корлеоне стана нејзиното упориште благодарение на фигури како Лучано Лиџо, Тото Рина и Бернардо Провенцано – озлогласените „Корлеонези“. Нивната бруталност и немилосрдност им овозможија да ги поразат другите мафијашки кланови и да завладеат со целиот остров. Во текот на 70-тите и 80-тите години на минатиот век, низата внатрешни пресметки, познати како „мафијашки војни“, дополнително ја зацврсти нивната моќ. Корлеоне, од мало земјоделско место, се претвори во криминална престолнина, а мафијата преку политички врски и економски интереси почна да влијае на одлуки на највисоко ниво.
Еден од највпечатливите прикази на оваа мрачна епоха се наоѓа во книгата Дон Вито, напишана од синот на Вито Ќанќимино – контроверзна фигура која ја симболизираше врската меѓу политиката и мафијата. Роден во Корлеоне, Ќанќимино во 70-тите стана градоначалник на Палермо и започна со т.н. „пљачка на Палермо“ – една од најпогубните фази во историјата на градот. За време на неговата власт, илјадници хектари плодна земја во долината Конка д’Оро, позната по своите цитруси и зеленило, беа покриени со бетон. Историските палати беа урнати за да направат место за масивни, безлични згради, изградени од фирми поврзани со мафијата. Оваа урбана трансформација ѝ овозможи на мафијата огромен извор на приходи и целосна контрола врз градот.
Но, експанзијата на мафијата не помина без отпор. Во 80-тите и 90-тите години, во најбурниот период на борбата против организираниот криминал, своите животи ги загубија симболите на правдата – судиите Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Нивниот херојски ангажман во разоткривање на мафијата ги чинеше живот, но ги инспирираше идните генерации. На оваа жртва им се придружија бројни полицајци, карабинери, новинари како Пепино Импастато, но и обични луѓе кои решија да му се спротивстават на стравот и молкот. Корлеоне стана симбол на пролеаната крв, но и на почетокот на отпорот во земја каде што долго време владееше законот на мафијата.
Денес, Корлеоне е значително изменет. По апсењето на најголемите мафијашки босови, градот се обидува да се ослободи од челичниот стисок на своето минато. Посетителите можат да ја обиколат куќата во која со години се криел Бернардо Провенцано, која денес е претворена во едукативен центар посветен на борбата против мафијата. Таму се продаваат производи од задруги кои работат на земјиште одземено од криминалните кланови. Овие земјоделски иницијативи, водени главно од млади луѓе и социјални кооперативи, претставуваат нов почеток за заедницата што се обидува да ја отфрли сенката на минатото.
Но, Корлеоне не е само сведоштво на историски трагедии – тој крие и неверојатни природни убавини. На периферијата на градот се издигаат импресивните „Близначки карпи“ (Rocche Gemelle): едната на исток, каде што се наоѓа тврдината Кастело Сопрано со остатоци од сараценска кула, и другата во самиот центар на градот, некогашно место на средновековен замок, денес претворен во фрањевски манастир. Недалеку од Кастело Сопрано се наоѓа и водопадот „Две карпи“ (Due Rocche) – вистинско природно чудо: реката Сан Леонардо овде формира кристално чисто езеро, опкружено со карпи и стар арапски аквадукт, што летно време може да се истражува.
Околината на Корлеоне изобилува со природни резервати, како што е масивот Рока Бусамбара и шумата Фикука, каде што се наоѓа Real Casina di Caccia, величествената ловечка вила изградена во 1799 година од Фердинанд IV од Бурбон. Во минатото, ова било место каде што аристократите уживале во лов, далеку од суровата реалност што подоцна ќе го обележи Корлеоне. Еден од најубавите природни локалитети во близина е и Клисурата на змејот (Gola del Drago) – кањон издлабен од реката Фратина, кој претставува вистинска зелена оаза за љубителите на планинарењето и дивата природа.
Денес, Корлеоне е незаменлива дестинација за сите што сакаат да ја разберат историјата на мафијата и нејзините длабоки корени, но и да сведочат како една заедница храбро се бори да се ослободи од тоа наследство. Овде, каде што минатото се испреплетува со сегашноста, посетителите можат да ја почувствуваат тежината на донесените одлуки, но и да се восхитуваат на местото што се стреми кон нова иднина.