Контролорите на летање најавија генерален штрајк, поради, како што велат, неизвршените ветувања и хроничниот недостиг на кадар во системот.
Ова е втор обид за организирање штрајк на вработените во М-НАВ, откако претходниот, закажан за 10 јули, беше одложен поради најавени преговори. Сега, три месеци подоцна, контролорите тврдат дека ниту едно од договорените барања не е исполнето, па најавуваат прекин на работа од неколку часа, со што практично ќе се затвори воздушниот простор на земјата.
Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека не се надлежни за состојбите во М-НАВ, бидејќи институцијата располага со сопствен буџет и автономија во одлучувањето. Засега, од М-НАВ нема официјален став за најавениот штрајк.