Конкурс за избор на зет и невеста за Галичка свадба 2026

И во 2026 година, на петровденскиот викенд, Галичник повторно ќе заживее со свадбени поворки, песна, ора, бајрак и свечено руво


Месната заедница Галичник го најавува почетокот на подготовките за Галичката свадба 2026 и објавува Конкурс за избори на зет и невеста.

„Галичката свадба не е само настан – таа е живо културно наследство, завет и спомен што се пренесува низ генерации. И во 2026 година, на петровденскиот викенд, Галичник повторно ќе заживее со свадбени поворки, песна, ора, бајрак и свечено руво, славејќи ја љубовта преку вековните обичаи.

Ги покануваме сите заинтересирани парови кои сакаат својата љубов да ја крунисаат со венчавка во Галичник, на Петровден, и да дадат завет пред Бога и традицијата – да се пријават на конкурсот за избор на зет и невеста за 2026 година“ велат од МЗ Галичник.

Пријавувањето трае до 19.02.2026, а одлуката ќе биде соопштена во март 2026 година.

Заинтересираните парови треба да испратат е-пошта на mzgalicnik@gmail.com со наслов: „За избор на зет и невеста – Галичка свадба 2026“, во која накратко ќе ја споделат својата приказна и мотивација.

Од МЗ Галичник потенцираат дека при изборот, предност ќе имаат парови кои:

  • Имаат потекло од Галичник (двајцата или еден од партнерите)
  • Претходно биле дел од Галичката свадба во друга улога
  • Се активни и ангажирани во рамки на месната заедница
  • За кои ова ќе претставува прв црковен брак

Месната заедница Галичник ги охрабрува сите парови што со почит, искреност и љубов ја чувствуваат оваа традиција – да се пријават и да станат дел од една од најзначајните културни манифестации во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни