Конференција за авторските права на актерите во земјите од Западен Балкан

Статусот на заштитата на авторските права на актерите во земјите  од Западен Балкан кандидати за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и нашата држава, е во фокусот на дводневната Регионална конференција за колективно управување на авторски и сродни права која ќе се одржи денеска во Скопје.

Конференцијата е насловена „Проширувањето на ЕУ и авторското право: Што е следно за актерите во Западен Балкан?“ и е прва од ваков вид во земјава со регионален опфат и влијание.

-Имајќи ги предвид аспирациите на Северна Македонија, членството во ЕУ подразбира обврска за имплементирање на правото на ЕУ (acquis) за авторско право и обезбедување на сите актери и музичари да имаат исто ниво на заштита како и изведувачите во Европската Унија. Преку конструктивни дискусии и успешни примери од другите ЕУ-земји, конференцијата ќе се обиде да одговори на предизвиците кои земјите од Западен Балкан треба да ги надминат по однос на темата, соопшти Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права.

На конференцијата ќе се дискутира за имплементацијата на клучни ЕУ-директиви, како што се Директивата за сателитско емитување, Директивата за авторско право и колективно управување, и напредокот во усогласувањето на локалното законодавство со европските стандарди.

-Настанот ќе собере експерти од владини институции, организации за колективно управување, синдикати и здруженија од регионот, кои ќе дискутираат за актуелните предизвици и можности во локалниот аудиовизуелен сектор, со цел да се создаде одржлива работна средина за актерите, наведува Асоцијацијата во најавата за настанот.

Меѓу учесниците се најавени министерот за европски прашања и главен преговарач со Европска Унија, Орхан Муртезани, словенечкиот амбасадор во земјава, Грегор Прескер, Мари-Мадлен Канелопулу, раководителка на сектор при Делегацијата на ЕУ во земјава, Тило Герлах, претседател на Асоцијацијата на европски актерски организации AEПO-AРTИС, Грегор Штиберник од Здружението за колективно управување со авторски права на автори, изведувачи и продуценти на аудиовизуелни дела од Словенија АИПА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни