Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека проектот останува во план, но со одредени измени, бидејќи недостигаат деловите што треба да ја поврзат трасата со Драчево и Радишани.
Ѓорѓиевски кажа дека вчера имал состанок со претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и дека претстои потпишување договори помеѓу Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии.
„Тоа нема да биде постапка од денес за утре, но де факто влегуваме во реализација. Очекувам дека во втората половина од следната година ќе бидеме подготвени да почнеме со изведба. Првата фаза изнесува 44 милиони евра, а втората 22 милиони евра. Во првата фаза се опфатени трасата, стојалиштата и набавката на 35 автобуси“, изјави Ѓорѓиевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додаде дека следуваат обемни подготовки, меѓу кои и заштита на мостот „Обединети нации“, кој не е опфатен со тековното финансирање од ЕБОР. „Имаме доста работа, но се екипираме и верувам дека во од ќе ги решаваме сите предизвици“, нагласи градоначалникот.
Проектот за BRT беше промовиран во 2021 година од администрацијата на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, по официјалното соопштение на ЕБОР во април истата година.
Покрај тоа, Ѓорѓиевски најави дека за новогодишното украсување на Скопје се предвидени 70 милиони денари, средства што треба да бидат изгласани со ребалансот на буџетот. За дочекот на Новата година на плоштадот „Македонија“ ќе настапат македонски музички изведувачи, а градоначалникот рече дека и самиот ќе присуствува со своето семејство.
Извор: Libertas.mk
