Концертот ќе започне во 20 часот и е организиран од Баги Комуникации, во соработка со Амбасадата на Грција во Северна Македонија.
Микис Теодоракис (1925–2021) е еден од најголемите композитори на 20 век, најпознат по својата музика за филмот „Гркот Зорба“, која стана светска икона. Неговото опус вклучува и партитури за филмови како „Серпико“, како и бројни симфонии и камерни дела. Покрај неговото уметничко творештво, Теодоракис беше и симбол на демократските идеали, што ја претвори неговата музика во универзален јазик на надеж и достоинство.
„Универзалноста на музиката на Теодоракис и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Неговата музика носи порака која ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето преку емоцијата и заедничките вредности“, изјавија организаторите на концертот.
На сцената ќе настапат реномираните грчки музичари: Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоц (мандолина и бузуки). Демири е позната по своите интерпретации на големите имиња на грчката музика, а нејзините соработници се искусни инструменталисти со богата концертна кариера. Тие ќе изведат избор од најзначајните дела на Теодоракис, вклучувајќи познати филмски теми, но и помалку изведувани композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус.
Концертот ќе биде културен настан кој ја нагласува трајната вредност на уметноста и нејзината моќ да обединува. Билетите се достапни онлајн преку платформата mktickets.mk.