На 13 септември, сабота во 20:30 часот, љубителите на џезот и експерименталната музика ќе имаат ретка можност да присуствуваат на концерт кој вети интимност, длабочина и уметничка храброст. Во просторот на Македонската филхармонија, Крсте Роџевски и виолончелистката Томика Рид ќе направат концерт посебен не само по формата, туку и по емоционалниот набој што двајцата уметници го носат на сцената.
Ова е нивен втор концерт во Скопје, но за разлика од првиот, кој беше со полна банда, сега настапуваат само двајцата – гитара, виолончело и глас. „Овојпат ќе биде дуо концерт, ќе биде интимен концерт. Знам дека салата во Македонска филхармонија е голема, има убава акустика, меѓутоа сепак ќе биде ова концерт со две личности на сцена“, објаснува Роџевски.
Крсте и Томика не се само музички соработници – тие се и блиски пријатели. Пријателството започнало за време на пандемијата, кога Крсте престојувал во Чикаго. „Живеевме во истото маало. Тогаш се дружевме и таа учествуваше во мојот чикашки албум Fairweather Friends. Начинот на кој таа свири и нејзиниот звук, и да не ми беше пријателка, јас ќе ја изберев да ми биде челистка“, споделува Крсте.

Концертот ветува топла атмосфера со моменти на спонтаност и ризик. „Ќе биде мек, интимен, меѓутоа ќе има и моменти, посебно импровизационите линии на Томика ќе знаат маку можеби и да загребаат од време на време“, вели Роџевски, најавувајќи динамика и контраст кои ќе ја одбележат вечерта.
Музиката на Крсте Роџевски е длабоко лична. Таа е инспирирана од секојдневието, луѓето, разговорите, па дури и од случајни впечатоци. „Инспирација е во сè… дали е тоа книга, дали е метафора од њујоршко метро или телефонски разговор со пријател од детство. Јас секогаш се водам од емоција“, објаснува тој. Оваа автентичност најмногу се чувствува во неговиот последен албум Крстена вода, снимен како соло настап во живо, без никакви постпродукциски интервенции. „Се научив дека не треба премногу да се размислува, него да се осеќа“, додава тој.
Неговото музичко патување започнало уште во Битола, свирејќи со Оливер Јосифовски и Бранко од Фолтин, а продолжува денес низ Њујоркската сцена. Иако потеклото му е длабоко вкоренето во Балканот, неговиот израз е интернационален, отворен и смел. „Ме интересира таа спонтаност, ме интересира храброста“, вели Роџевски.
За концертот во Скопје, тој вели: „Би го опишал како патување на кое треба да се вратиш малку, да присуствуваш малку подготвен, не подготвен во смисла на музичка форма и композиција, туку да имаш способност малку да се олабавиш и да слушаш… да те однесе некаде.“
Сето ова го прави овој концерт нешто повеќе од уште едно музичко случување – тоа е покана за лично и заедничко патување низ звукот, спомените и емоциите. За сите оние што сакаат музика што зборува, чувствува и предизвикува, концертот на Крсте Роџевски и Томика Рид е настан што не треба да се пропушти.