Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе расправа за предлог-одлука за одржување надзорна расправа посветена на спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство. Фокусот ќе биде ставен на еднаквите можности, координацијата меѓу институциите, како и на предизвиците и можностите за поефикасно постапување на извршната власт.
Иницијативата ја поднеле пратеничките Жаклина Пешевска и Моника Зајкова, со образложение дека Собранието, преку својата надзорна улога, треба подетално да утврди како надлежните институции ги применуваат механизмите за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените. Во предлогот се нагласува дека станува збор за прашање што директно се однесува на човековите права, безбедноста, достоинството, недискриминацијата и еднаквите можности.
Во текстот на предлог-одлуката се наведува дека семејното насилство не може да се гледа само низ реакцијата на една институција, туку како прашање што ја покажува функционалноста на целиот систем. Оттука, се бара поширока анализа на меѓуинституционалната координација, навременоста и ефикасноста на постапувањето, достапноста на услугите и примената на механизмите за заштита.
Се посочува и дека иницијативата е поставена исклучиво во рамки на надзорната функција на Собранието кон Владата и органите на државната управа, со цел Комисијата да добие поширока институционална и системска слика за тоа како функционира механизмот за превенција и заштита.
Според предлагачите, потребата од ваква надзорна расправа произлегува од јавната и општествената важност на ова прашање, од директната поврзаност со еднаквите можности, но и од потребата Собранието да добие јасни информации и појаснувања од надлежните органи. Целта е врз основа на тие сознанија да се донесат заклучоци и препораки за унапредување на институционалниот одговор и за поефикасна заштита на лицата изложени на ризик.