Поради војната во Иран, која се заканува со прекин на снабдувањето со енергија, Европа ја очекува снабдувачки шок со потенцијал да го парализира производството, да приземји авиони, да ги зголеми цените на храната и трошоците за задолжување, и повторно да ја поттикне инфлацијата. Додека последните танкери со фосилни горива од Персискиот Залив влегуваат во европските пристаништа, европските лидери стануваат свесни за размерите на кризата, пишува „Политико“.
„Ако војната потрае, тоа за европската економија ќе биде товар споредлив со пандемијата на ковид или со почетокот на војната во Украина“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц. Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето предупреди дека конфликтот би можел да трае „со години“, додека претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард проценува дека долгорочните последици би можеле да надминат сè што денес може да се замисли.
Околу 20 отсто од светската нафта и гас минуваат низ Ормускиот Теснец, кој Иран го затвори со закани за напади врз бродови. Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на погодените земји: „Ќе мора да научите сами да се борите за себе. Потешкиот дел заврши. Одете по својата нафта.“
Нафтата и гасот се клучни за транспортот, греењето и целиот индустриски синџир, од храна и пластика до хемикалии и земјоделство. Затворањето на теснецот ја погодува и испораката на ѓубрива и хелиум, клучен за производството на микрочипови. Засега ефектот најмногу се гледа во растот на цените на горивата, но и во ширењето на кризата на други производи, па Sony директно го поврза поскапувањето на новите PlayStation конзоли со „притисоците во глобалната економија“.
„Политико“ предупредува на сценарио што директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, го нарекува „најголема закана за глобалната енергетска безбедност во историјата“.
Недостиг
За разлика од кризите во 1970-тите или од 2022 година, сегашното нарушување ги погодува сите енергенси, од сурова нафта и гас до дизел и авионско гориво. Аналитичарката Ана Марија Јалер-Макаревич предупредува дека пазарите се соочуваат со ретко видено сценарио на целосно затворање на клучен енергетски премин. Додека кризите во 1970-тите ги намалиле глобалните залихи за околу 7 отсто, сега се погодени околу 20 отсто од светското снабдување.
ЕУ првично сметаше на релативно ниската зависност од Заливот, околу 6 отсто за нафта и помалку од 10 отсто за гас, како и на алтернативни добавувачи како САД, Норвешка, Азербејџан и Алжир. Но како што војната влегува во петтата недела, се покажува дека тоа не е доволно.
Азиските земји, кои пред војната добивале околу 80 отсто од енергијата од Заливот, агресивно ги купуваат преостанатите количини и ги креваат цените. Трговците ги пренасочуваат пратките кон Азија поради поголема заработка, заобиколувајќи ја Европа. Според аналитичарот на Kpler, Шарл Костерус, најмалку 11 танкери со течен природен гас веќе се пренасочени кон исток, а последниот танкер со катарски гас ќе стигне во Европа за неколку дена.
„Немаме резерви. Немаме никаква сигурност“, предупредува Јалер-Макаревич, додавајќи дека Европа последиците би можела да ги почувствува веќе за неколку недели.
Најлошото сценарио би било теснецот да остане затворен подолго од еден месец, паралелно со продолжување на нападите врз енергетската инфраструктура, предупредува еден директор на увозник на течен природен гас. Иако високите цени со време би можеле да поттикнат поголемо производство, тој предупредува дека тие би можеле да останат трајно покачени.
ЕУ е особено ранлива кога станува збор за рафинирани производи, бидејќи повеќе од 40 отсто од дизелот и авионското гориво доаѓаат од Заливот. „Ако теснецот остане затворен, практично нема алтернатива“, изјави аналитичарот на ICIS, Хомајун Фалакшахи. Финансиските пазари засега сметаат на краткотрајна блокада од две до три недели, но подолго затворање би значело уште повисоки цени и подлабока криза.
Иако богатите земји на почетокот на март ослободија 400 милиони барели нафта од резервите, цените повторно почнаа да растат.
Уништување на побарувачката
Највидливиот ефект веќе се повисоките цени на горивата. Цената на Еуросупер 95 пораснала за околу 15 отсто меѓу 23 февруари и 23 март. Владите се обидуваат да го ублажат ударот со намалување на акцизите, но без нови испораки би можеле да посегнат и по ограничување на потрошувачката.
Европскиот комесар за енергија Дан Јергенсен предложи ограничување на сообраќајот за да се надомести недостигот од дизел и авионско гориво, што потсетува на мерките од 1970-тите. Во оптек се и сценарија за „енергетски локдауни“.
Воздушниот сообраќај е особено погоден бидејќи горивото е најголем трошок. Цената на авионското гориво во Европа повеќе од се удвоила и надминала 1.700 долари по тон. Авиокомпаниите веќе ги зголемуваат цените, а директорот на IATA, Вили Волш, предупредува дека индустријата не може да го апсорбира тој удар.
Некои азиски компании веќе ги укинуваат летовите, а Lufthansa размислува да приземји меѓу 20 и 40 авиони, што би ги намалило капацитетите за 2,5 до 5 отсто. Ако кризата потрае, дел од патниците ќе се откажат од патувања, а дел ќе останат без веќе планираните патувања.
Индустриски пад
Последиците веќе се прелеваат врз индустријата, особено врз хемискиот сектор, кој е темел на производството во Европа. Германски Covestro предупредува на нагол раст на трошоците за логистика, суровини и енергија, што веќе се вградува во цените на производите.
Eurofer предупредува дека нестабилните цени на енергијата стануваат еден од најголемите ризици за инвестициите, особено во нискојаглеродното производство на челик. Без стабилни и конкурентни цени на енергијата, инвестициите сè потешко можат да се оправдаат во Европа.
Растат и трошоците за пластика, ѓубрива и хелиум. Пластичната индустрија е особено изложена бидејќи зависи од увоз на нафта и гас, додека производителите на ѓубрива предупредуваат дека енергијата учествува со 60 до 80 отсто во трошоците за производство, па нарушувањата брзо предизвикуваат верижна реакција и раст на цените.
Стагфлација
Растот на трошоците во производството, транспортот и земјоделството се прелева врз потрошувачите, повторно враќајќи ја инфлацијата. Комесарот за економија Валдис Домбровскис предупредува дека овој бран би можел да личи на стагфлација, комбинација од слаб раст и високи цени што ги одбележа 1970-тите.
Европската комисија проценува дека економскиот раст ќе падне на околу 1 отсто, додека растот на инфлацијата би можел да ја натера Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки. Тоа дополнително би ги поскапело кредитите и би ја забавило економијата.
Високите јавни долгови стануваат сè поскапи за сервисирање, а владите би можеле да бидат принудени на кратења во јавните услуги.
Дури и ако војната заврши веднаш, закрепнувањето би траело најмалку една година, предупреди Бирол. Колку подолго трае конфликтот, толку потешки ќе бидат последиците.
Додека последните танкери од Заливот го завршуваат истоварот, Европа има недели, а не месеци за подготовка. „Кризата нема да биде кратка“, рече Јергенсен. „Дури и утре да настапи мир, последиците ќе останат, бидејќи енергетската инфраструктура во регионот е уништена и продолжува да се уништува.“