Истражувачите споредија податоци од осум земји и најдоа директна врска: колку повеќе калории доаѓаат од ваква храна, толку е поголем ризикот од предвремена смрт.
Што всушност претставува „ултрапреработена“ храна?
Универзитетот во Сао Пауло ја дели храната во четири групи – од непреработена свежа храна, преку базични додатоци како сол и шеќер, до конзервирани и полуготови производи. Во четвртата група, најпроблематичната, спаѓа храна направена со индустриски процеси и додатоци како вештачки бои, засилувачи на вкус и конзерванси – како чоколади, газирани пијалаци, готови јадења, засладени јогурти и житни снегулки. Ваквата храна е поврзана со најмалку 32 здравствени нарушувања, од дебелина и дијабетес, до срцеви заболувања, рак и когнитивно опаѓање.
Бразилските истражувачи утврдиле дека земјите со послаба традиција на здраво готвење – како САД, Велика Британија, Канада и Австралија – имаат и поголем процент на ултрапреработена храна во исхраната. Наспроти нив, медитеранските земји како Италија, Франција и Јапонија, па дури и Бразил, сè уште негуваат навики на исхрана базирана на свежа и локална храна – ориз, грав, овошје, салати и протеински извори. Токму тие навики се клучни за пониска стапка на предвремени смртни случаи.
Истражувачите предлагаат конкретни мерки – на пример, повисоки даноци за засладена и ултрапреработена храна, и укинување на даноците за свежи производи. Во Бразил веќе се преземаат вакви чекори, а државата ги стимулира земјоделците да одгледуваат повеќе разновидни култури и да произведуваат органска храна за училишни оброци.
Слични иницијативи започнуваат и во САД – некои компании веќе отстрануваат синтетички адитиви, а американската Управа за храна и лекови ги повика производителите да ги заменат вештачките бои со природни, по примерот на Европа и Канада.