Колку навистина чинат „куќите за едно евро“ во Италија?

Иако звучи како бајка можноста да се купи куќа за само еден евро во Италија, реалноста е многу посложена. Овие куќи се наоѓаат во мали и речиси напуштени општини, најчесто во јужниот дел на земјата, кои преку иницијативата „Куќи за еден евро“ се обидуваат да го вратат животот во овие региони. Сепак, вистинската цена не е симболичното евро, туку големиот број скриени трошоци кои ги очекуваат купувачите.

„Куќите што се продаваат за еден евро се во многу лоша состојба, често празни и по 150 години. Тие бараат итни и скапи реновирања“, вели Џузепе Чачопо, градоначалникот на Самбука на Сицилија. Освен инвестицијата во реновирањето, купувачите треба да платат имотен данок, административни трошоци за нотари, адвокати и сметководители – што не е нималку евтино во Италија.

Маурицио Берти, еден од луѓето вклучени во проектот, објаснува дека постои огромен интерес – веб-страницата ја посетиле околу 10 милиони луѓе, најмногу од Северна и Јужна Америка. „Важно е да се знае дека општините имаат строги услови: потребно е да се поднесе план за реновирање, работите мора да почнат во рок од три месеци, а куќата да се санира за максимум три години. Ако не се исполни тоа, следуваат казни и до 20.000 евра“, предупредува тој.

Дополнително, потребно е да се уплати депозит од 5.000 евра кој се враќа само ако сè се заврши на време. Предност имаат оние што планираат да се преселат трајно во куќата. Но и тогаш, пречките не завршуваат – постојат строги архитектонски и културни регулативи за реновирање, одржувањето е скапо, а местата се најчесто изолирани, со малку основни услуги како училишта или болници.

За некои, дополнителна пречка може да биде јазичната бариера и социјалната изолација, бидејќи локалното население е најчесто во поодмината возраст. Затоа, иако постојат и успешни примери, многумина на крај ја напуштаат идејата. Пред да се впуштите во ваква авантура, експертите советуваат добро и детално да се информирате за сите обврски и ризици што стојат зад привлечниот слоган „Куќи за еден евро во Италија“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни