На климатските промени и концентрацијата на стакленички гасови и тоа како влијае прехранбената индустрија. Таа ги зголемува концентрациите на емисии од штетни гасови, придонесува за сечење на шумите, намалување на водостоите, а сето тоа негативно се одразува на животната средина.
Во текот на историјата, најголемиот дел од површината на планетата бил зафатен од дивиот свет, а шумите и пасиштата само го надополнувале пејсажот. Во последните неколку векови тоа драстично се променило, така што голем дел од дивината е претворена во земјоделско земјиште. Со тоа човекот ги направил најголемите влијанија врз животната средина.
Прехранбената индустрија, која го опфаќа производството, но и процесите кои се случуваат од моментот кога храната се собира од нива па се додека стигне до крајниот потрошувач, вклучувајќи обработка и дистрибуција, во голема мера придонесуваат за енормно зголемување на концентрациите на стакленички гасови на глобално ниво.
Како прехранбената индустрија ги „храни“ стакленичките гасови
Храната се произведува и преработува во повеќе од 570 милиони фарми, во кои работат уште поголем број на земјоделци и соработници од сите делови на светот, а значаен дел во тој процес е и потрошувачката на енергија. Производството на храна е одговорно за повеќе од четвртина, дури 26 отсто, од глобалните емисии на гасови со ефект на стаклена градина.
Иако ваквите податоци на прв момент звучат застрашувачки, се чини дека никој не е загрижен поради тоа, бидејќи се работи за една од основните човекови потреби, а тоа е храната.
Како прехранбената индустрија ги произведува стакленичките гасови:
18% настануваат во ланецот на набавка на суровини,
31% доаѓаат од животните и рибите,
27% се последица на производството на храна за животните,
24% настануваат од обработка на земјиштето.
Четвртина од произведената храна завршува како отпад
Меѓутоа, не сфатливо е како произведената храна никој не ја искористува во целост и завршува на депонија.
За да се произведе храна, потребно е да се потрошат доста ресурси. Потребни се земја, вода, ѓубриво, а во процесот на производство доаѓа и до потрошувачка на голема енергија. Сепак, според проценките, околу една четвртина од произведените намирници никогаш не се јадат. Голем дел се фрла, бидејќи се расипува или оштетува пред да стигне до крајните корисници.
Фрлањето и расипувањето на производите е голем проблем. Покрај сè друго, не искористувањето на веќе произведените продукти води до дополнително зголемување на концентрациите на стакленички гасови, а со тоа директно се влијае и на климатските промени.
Само во ЕУ се фрлаат 180 килограми храна по човек, на годишно ниво
Европската комисија проценува дека само во Европската Унија се фрлаат околу 90 милиони тони храна на годишно ниво. Во просек тоа му доаѓа како секој жител на ЕУ да фрла околу 180 килограми храна, секоја година.
Кои земји се најголеми произведувачи на стакленички гасови
Според повеќегодишни анализи и истражувања меѓу водечките земји кои генерираат најмногу стакленички гасови се Кина и САД. Кина со 21 отсто и САД со 13 отсто стакленички гасови на годишно ниво се единствените во светот кои генерираат повеќе стакленички гасови од прехранбената индустрија.