Долготрајниот престој во вселената има сериозни последици врз човечкото тело. Микрогравитацијата предизвикува атрофија на мускулите, губење на густината на коските и промени во кардиоваскуларниот, ендокриниот и нервниот систем. Но, новите научни истражувања покажуваат дека жените астронаути можеби се изложени и на дополнителен здравствен ризик – создавање крвни згрутчувања.
Повеќето досегашни студии за здравјето во вселената биле спроведени претежно со машки астронаути. Но, со зголемувањето на бројот на жени во астронаутските мисии, научниците сè повеќе се фокусираат на можните разлики во реакцијата на телото во услови на микрогравитација.
Ново истражување за ризикот од згрутчување на крвта
Токму тоа беше целта на новото истражување кое анализира како микрогравитацијата влијае на згрутчувањето на крвта, особено кај жените. Во студијата учествувале 18 жени кои поминале петдневен тест што симулира состојби слични на бестежинска средина.
Резултатите ги потврдуваат претходните научни докази дека жените имаат поголем ризик од венска тромбоемболија – состојба при која се создаваат опасни крвни згрутчувања. Истражувачите ја идентификувале и хиперкоагулацијата како можен клучен механизам зад овој процес.
Студијата ја спроведе тим од Лабораторијата за воздухопловна физиологија при Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, во соработка со Канадската вселенска агенција и други меѓународни институции кои ги проучуваат ефектите на вселенските мисии врз човечкото тело.
Како се создаваат крвните згрутчувања во вселената
На Земјата, крвните згрутчувања најчесто се формираат во вените на нозете поради дејството на гравитацијата. Тоа може да предизвика болка и оток, а во потешки случаи згрутчувањето може да стигне до белите дробови и да предизвика опасна белодробна емболија, срцев или мозочен удар.
Во микрогравитација ситуацијата е поинаква. Крвта се прераспределува кон горниот дел од телото, особено кон главата, што создава услови згрутчувањата почесто да се формираат во југуларната вена на вратот.
Оттаму тие имаат многу пократок пат до срцето или белите дробови, што значително го зголемува ризикот од сериозни медицински компликации.
Необичен случај на Меѓународната вселенска станица
Првите сомнежи дека астронаутките можеби имаат поголем ризик се појавија во 2020 година, кога една астронаутка на Меѓународната вселенска станица развила неочекуван згруток во југуларната вена.
Во новата студија, научниците ги анализирале реакциите на згрутчување на крвта во реално време користејќи метод наречен ротациона тромбоеластометрија (ROTEM), кој ја мери брзината и стабилноста на формирањето на згрутчувањата.
Резултатите покажале дека во микрогравитација процесот на започнување на згрутчувањето трае подолго. Но, кога еднаш ќе започне, згрутчувањето се формира побрзо и создава поцврсти и постабилни згрутчувања отколку на Земјата, што ги прави потешки за природно разградување.
Предизвик за идните мисии на Месечината и Марс
Овие наоди се особено важни за идните долготрајни вселенски мисии, како што се планираните експедиции на Месечината во рамките на програмата „Артемис“ и идните мисии кон Марс.
Во такви мисии астронаутите ќе поминуваат месеци во вселената, далеку од медицинска помош. Затоа научниците сметаат дека се потребни дополнителни истражувања за да се проценат ризиците и да се развијат нови медицински процедури за следење и лекување.
Во меѓувреме, вселенските агенции веќе воведоа редовни ултразвучни прегледи на астронаутите на Меѓународната вселенска станица, со цел навреме да се откријат евентуални згрутчувања на крвта и да се спречат опасни компликации.