Кој е вистинскиот план на Доналд Трамп во Иран?

Додека нападите врз Иран продолжуваат и во втората недела од конфликтот, американскиот претседател Доналд Трамп испраќа различни и понекогаш контрадикторни пораки за тоа што всушност сака да постигне во војната.

Повеќе од две децении по американската инвазија на Ирак во 2003 година, Соединетите Американски Држави заедно со Израел започнаа нова воена операција против Иран. Но како што се интензивираат ракетните напади, така растат и дилемите околу вистинската стратегија на Вашингтон.

Според анализи на меѓународни експерти, администрацијата на Трамп досега не понудила јасен одговор на прашањето како треба да заврши војната.

Повеќе од 2.000 цели погодени во Иран

Американските сили од почетокот на конфликтот погодиле речиси 2.000 цели во Иран. Во нападите биле ликвидирани неколку високи ирански функционери, меѓу кои и тогашниот врховен лидер на земјата Али Хамнеи во Техеран.

Потоа следувале напади врз нуклеарни постројки, рафинерии за нафта, постројки за десалинизација на вода, како и врз цивилна инфраструктура.

Иран возврати со стотици ракети и илјадници беспилотни летала кон Израел и кон земјите од Персискиот Залив. Според Техеран, цел на нападите биле американски воени бази, енергетска инфраструктура и дипломатски објекти.

Досега во нападите на САД и Израел загинале повеќе од 1.200 Иранци, меѓу кои и над 160 деца кои загинале при бомбардирање на училиште. Загинале и седум американски војници.

Промена на режимот во Техеран?

Една од најчесто споменуваните цели е можноста за пад на иранскиот режим.

Иако американската администрација официјално не ја користи фразата „промена на режимот“, многу аналитичари сметаат дека токму тоа е вистинската намера.

Нападите започнаа на 28 февруари со ликвидацијата на Али Хамнеи, кој 37 години беше врховен лидер на Иран.

Според Мустафа Хајдер Сајед, директор на Пакистанско-кинескиот институт, целта на првичните удари била брза капитулација на режимот и можен народен бунт.

Но досега нема јасни знаци дека иранските институции се распаѓаат. Напротив, Иран објави дека нов врховен лидер е 56-годишниот Моџтаба Хамнеи, син на убиениот лидер.

Договор со иранските елити

Во првите денови од операцијата „Epic Fury“, Трамп ги повика припадниците на Иранската револуционерна гарда да се предадат и да добијат имунитет.

Подоцна ги повика и иранските дипломати да ја напуштат власта и да се приклучат кон нов политички процес.

Но овие повици беа одбиени. Револуционерната гарда во меѓувреме ја предводи иранската воена контраофанзива, а иранските дипломати во јавно писмо соопштија дека остануваат лојални на Исламската Република.

Уништување на воената моќ на Иран

Друга цел што често ја споменува Вашингтон е уништување на иранските воени капацитети.

Тоа вклучува балистички ракети, фабрики за нивно производство и делови од иранската морнарица.

Американските и израелските напади веќе погодиле дел од иранската ракетна инфраструктура и поморски капацитети, а двете земји тврдат дека во голема мера го контролираат иранскиот воздушен простор.

Сепак, експертите предупредуваат дека воената сила сама по себе не може да создаде политички резултат.

„САД може да ја уништи иранската воена опрема, но не може од воздух да создаде нов политички систем“, предупредуваат аналитичарите.

Можна копнена инвазија?

Една од опциите што се разгледува е и копнена интервенција.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека земјата е подготвена и за такво сценарио. Американската администрација досега не ја исклучи можноста за испраќање копнени трупи.

Но експертите сметаат дека тоа е најмалку веројатната опција, бидејќи американската јавност сè уште има силни негативни сеќавања од војните во Ирак и Авганистан.

Според аналитичарите, копнена војна би можела да има сериозни политички последици за Трамп, особено пред изборите за Конгресот.

Каков би можел да биде крајот на војната?

И покрај сите сценарија од промена на режимот до уништување на воената моќ, дел од експертите сметаат дека најреалистичниот исход е политички договор.

Таков договор би можел да вклучува ограничувања на иранската ракетна програма, контрола врз нуклеарните активности и промени во регионалната политика на Техеран.

Според нив, Трамп би можел да прогласи победа доколку успее да претстави дека американските цели се исполнети ликвидација на иранското раководство, уништување на дел од воените капацитети и нови безбедносни гаранции.

„Трамп е прагматичен. Можно е на крајот да склучи договор, да прогласи победа и да ја заврши војната“, сметаат аналитичарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни