Коj ќе го наследи папата Франциск во Ватикан?

Папите се избираат преку таен и строго ритуализиран процес наречен конклава – која се одржува во Сикстинската капела во Ватикан. Право на глас имаат само кардинали помлади од 80 години, а во гласањето учествуваат околу 120 кардинали.

Веќе започнаа шпекулациите за кандидатите за новиот духовен водач на 1,4 милијарди католици ширум светот. Последниот збор ќе го има конклавата на кардиналите.

Кандидатите за наследник на папата Франциско доаѓаат од сите континенти. Најголеми шанси, според некои кругови, имаат кардинали од Азија, Африка, Северна Америка и Европа, пишува Дојче Веле.

Папите се избираат преку таен и строго ритуализиран процес наречен конклава – која се одржува во Сикстинската капела во Ватикан. Право на глас имаат само кардинали помлади од 80 години, а во гласањето учествуваат околу 120 кардинали.

Еве некои од најсериозните кандидати:

Кардинал Луис Антонио Тагле (67, Филипини, началник на ватиканската канцеларија за евангелизација)

Нарекуван „азијскиот Франциско“ поради фокусот на социјална правда. Се смета за фаворит и би можел да стане првиот папа од Азија — како што Франциско беше првиот од Америка. На хартија, Тагле ги има сите квалификации. Но, неговите шанси би можеле да бидат намалени поради обвинувања за насилно однесување во организацијата Каритас интернационалис, глобалната католичка хуманитарна мрежа што ја водеше со години. Светата столица го смени во 2022 година.

Кардинал Пјетро Паролин (70, Италија, државен секретар на Ватикан)

Мост меѓу различни фракции во Црквата. Од 2013 е државен секретар на папата Франциско и е еден од водечките кандидати. Конзервативците го критикуваа поради улогата во договорот со Кина за именување бискупи. Неговиот избор би го вратил папството во Италија по три неиталијански папи.

Кардинал Питер Турксон (76, Гана, ватикански функционер и дипломат)

Потенцијално првиот папа од Супсахарска Африка. Служи во Гана, има дипломатски способности и ватиканско искуство. Франциско го испрати како специјален пратеник во Јужен Судан. Африка е регион со најбрз пораст на членство во Црквата.

Кардинал Марк Уеле (79, Канада, поранешен началник на канцеларијата за бискупи)

Ветеран со богато меѓународно искуство. Теолошки е конзервативен и ценет кај традиционалистите. Се соочи со обвинувања за недолично однесување кои беа отфрлени.

Кардинал Фридолин Амбонго Бесунгу (65, Конго, надбискуп на Киншаса)

Се смета за нова ѕвезда од Африка. Комбинира традиционални ставови со посветеност кон социјалната правда. Гласен против благословување на истополови парови – што му донесе углед кај конзервативците.

Матео Цупи (69, Италија, надбискуп на Болоња)

Често нарекуван „италијанскиот Бергољо“, застапува сиромашни и мигранти, избегнува луксуз и често користи велосипед наместо службено возило. Прогресивен став што може да му наштети кај конзервативците.

Жан-Марк Авелин (66, Франција, надбискуп на Марсеј)

Познат по смисол за хумор и блискост со папата Франциско. Заговара добри односи со муслиманите. Ако биде избран, ќе биде првиот француски папа од 14. век. Го разбира италијанскиот, но не го зборува течно.

Кардинал Петер Ердо (72, Унгарија, надбискуп на Естергом-Будимпешта)

Застапува традиционално католичко учење, но успеа да изгради мостови со прогресивните. Беше кандидат и во 2013. Зборува неколку јазици, вклучувајќи и италијански.

Кардинал Марио Грек (68, Малта, генерален секретар на Синодот на бискупите)

Од конзервативец премина во водечки поддржувач на реформите на Франциско. Во 2014 побара поприфатлив став кон ЛГБТК+ католиците – говор што самиот папа го пофали.

Кардинал Хуан Хосе Омела (79, Шпанија, надбискуп на Барселона)

Близок со Франциско, води скромен живот. Стана кардинал во 2016 и во 2023 се приклучи на деветчленото советодавно тело на папата. Блискоста со Франциско може да биде и препрека.

Кардинал Џозеф Тобин (72, САД, надбискуп на Њуарк)

Иако е малку веројатно дека папата ќе биде Американец, Тобин е најреален кандидат. Течно зборува неколку јазици, има пофалби за справување со сексуални скандали и е отворен кон ЛГБТК+ лица.

Кардинал Анџело Скoла (83, Италија, поранешен надбискуп на Милано)

Во 2013 беше меѓу фаворитите. Теолошки остар и со углед меѓу приврзаниците на централизирана Црква. Но, веќе ја надмина старосната граница за гласање во конклавата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни