Koи се раните знаци на дијабетес кои лесно може да се занемарат?

Дијабетес тип 2 е сериозна здравствена состојба која може да предизвика бројни компликации ако не се препознае и не се лекува навремено. Еден од помалку познатите симптоми може да се појави на стапалата, бидејќи високите нивоа на шеќер во крвта можат да предизвикаат оштетување на нервите и крвните садови. Стручњаците од Diabetes UK истакнуваат како раното препознавање на знаците може да спречи потешки последици.

Така, високите нивоа на шеќер во крвта можат да ги оштетат малите крвни садови кои ги снабдуваат нервите на стапалата, што доведува до симптоми кои лесно може да се занемарат – вкочанетост, болка и губење на чувството во стапалата.

„Ако нервите на стапалата се оштетени, може да дојде до периферна невропатија, што значи дека го губите чувството во стапалата и може да се повредите без да забележите“, предупредуваат лекарите и стручњаците од Diabetes UK, пренесува Daily Express.

Покрај тоа, оштетувањето на крвните садови може да предизвика намален проток на крв, што го отежнува заздравувањето на рани и може да предизвика грчеви, болка или отеченост. Дури и помалите резови или рани кои не заздравуваат може да доведат до инфекции и посериозни компликации. „Разликата од неколку часа може да биде клучна помеѓу губење и зачувување на стапалото“, нагласуваат стручњаците, истакнувајќи ја важноста на редовни прегледи на стапалата.

Покрај овие симптоми, дијабетесот може да се манифестира и преку интензивна жед, често мокрење, замаглен вид, чешање и губење на тежина.

Ако забележите било кој од овие знаци, веднаш обратете се кај лекар за навремено лекување и спречување на компликации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни