Во завршната фаза од интензивните преговори меѓу САД и Иран во Исламабад останале неколку клучни и нерешени прашања кои го блокирале постигнувањето договор, пишува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на ирански извори. Меѓу најважните спорни точки се статусот на Ормускиот теснец, судбината на повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум и деблокирањето на околу 27 милијарди долари ирански средства во странство.
Најголемото несогласување се однесува на Ормускиот теснец. САД побарале негово итно и целосно отворање за меѓународен поморски сообраќај, но Иран го одбил тој услов, инсистирајќи дека нема да се откаже од влијанието врз оваа стратешка рута за транспорт на нафта. Техеран наведува дека целосното отворање би било можно само во рамки на конечен мировен договор, што дополнително ги заострува односите меѓу двете страни.
Втората спорна точка е нуклеарното прашање. Американската страна, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, побарала Иран целосно да ги предаде или продаде сите залихи на збогатен ураниум. Иран понудил контрапредлог, но договор не бил постигнат, оставајќи го ова прашање отворено и високо чувствително за понатамошните преговори.
Третото важно прашање се однесува на замрзнатите ирански средства во вредност од околу 27 милијарди долари, кои се наоѓаат во банки во неколку земји, меѓу кои Ирак, Луксембург, Бахреин, Јапонија, Катар, Турција и Германија. Иран побарал тие средства да бидат одмрзнати за обнова на земјата по конфликтот, но САД го одбиле тој услов.
Американската страна изјавила дека постојат „црвени линии“, но не прецизирала детали ниту дали постои можност за продолжување на разговорите. И покрај неуспехот, аналитичарите оценуваат дека ова се едни од најсериозните директни преговори меѓу двете земји во последните години и дека постои одреден дипломатски импулс за нивно продолжување, иако клучните разлики засега остануваат длабок.