Една од личностите која посветила значително внимание на оваа тема е д-р Славчо Ковилоски, кој веќе го претставивме во текстот за Дафа Цепенкова и кој во своите книги успева да го открие нивниот придонес.
Засилената читателска активност на жените од 19 век придонела нивните имиња да се јавуваат на страниците на весниците и списанијата, најпрвин како нарачатели на потребната периодика, а потоа и како авторки на текстови. Многу од овие жени од читателки на весници и списанија, постепено станувале авторки на дописки и статии. Имиња како Фанија Чипанова, Калиопи Захариева и Крстја Алексова го покажуваат присуството на македонските жени на страниците на весниците. Тие често пишувале под псевдоними, што дополнително ја отежнувало нивната идентификација.
Меѓу овие имиња се наоѓаат првите македонски авторки на дописки, односно на новинарски прилози. Хронологијата на настаните укажува дека голема улога одиграла прогресивната западна мисла за нивната трансформација од читателки во авторки.
Но, нивниот придонес не завршува тука. Покрај текстовите кои се појавувале во јавниот простор, жените создале и голем број приватни ракописи кои за жал често биле заборавани или изгубени. Истражувањата покажуваат дека нивните записи, иако со мала уметничка вредност, претставуваат значаен дел од македонската историја и култура.
Во оваа смисла може да се зборува за „приватно“ и за „јавно“ творештво. Приватното творештво останувало во ракопис, било интимно и до него немал пристап дури ни најблискиот круг на авторката. Токму затоа овие текстови речиси секогаш се губеле, исчезнувале или се заборавале. Ова не е случај само со македонското женско писмо, туку со севкупното женско авторство поради што се создал терминот „заборавени дела“.
Врз основа на она што е досега пронајдено, сите пронајдени творби потпишани од македонски жени во 19 век, може да се групираат во неколку категории: статии, преводи, правни акти, извештаи, јавни огласи и благодарници, коресподенција, собирачка и препишувачка дејност и јавни говори.
Во книгата авторот објаснува дека дошол до два правни акти кои биле оценети како врвен дострел на општественото дејствување на македонските жени бидејќи активно се вклучиле во образовниот процес. Два правилници напишала ќерката на Димитрија Миладинов, Царевна Миладинова – Алексиева за учебната 1890/91 година кои се пронајдени во ракопис.
Сите овие книжевни записи имаат мала уметничка вредност, но се од големо значење за исориографијата, од кои можат да се изведат заклучоци за одредена личност или настан. Некои од нив, како на пример, писмата на Митра Миладинова, сопругата на Димитрија Миладинов се од важност и за книжевната наука, бидејќи претставуваат богат извор преку кој можеме да проследиме и компарираме низа настани поврзани со животот и дејноста на истакнатиот македонски преродбеник и неговиот помлад брат.
Авторски творби објавени во печатот или дела коишто од различни причини останале во ракопис, а ја имаат класичната структура на прозни дела во Македонија, се евидентираат од средината на 19 век.