Вчерашната смрт на мајка и ќерка во Тафталиџе, длабоко ја потресе јавноста. Истрагата е во тек и институциите сè уште не соопштуваат детали за настанот. Но едно прашање веќе се наметнува: ако претходно било пријавувано насилство, дали системот направил доволно?
Што треба да се случи кога има пријава за семејно насилство?
Во теорија, постапката е јасна: по пријава во МВР, полицијата треба да процени ризик, да преземе заштитни мерки и да го извести обвинителството.
Центарот за социјална работа треба да изготви проценка, да предложи мерки за заштита и да обезбеди поддршка за жртвата. Судот може да изрече привремени забрани и други мерки за безбедност. На хартија, механизмите постојат. Прашањето е дали функционираат навремено и координирано?
Според блиски членови на семејството на починатата – НЕ.
Преку објава на социјалните мрежи нејзиниот брат изнесе тврдења дека трагедијата е резултат на долгогодишни институционални пропусти. Во објавата тој наведува дека претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, како и сериозни инциденти во државна институција, но според него, надлежните органи не реагирале соодветно.
„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Александар Стојановски.
„Државата овозможи да згаснат млади животи. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, наведува тој.
Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјален ментор за прашањата за насилство врз жените во „Паблик”, во коментар за последиот настан вели:
„Повеќето жени жртви со кои имам прилика да работам често ми споделуваат дека летаргичноста на системот ги довела до таква мера на немоќ што се бореле со суицидни мисли, а некои дури имале и обиди — за среќа, без смртни последици. Тоа не се случува одеднаш. Тоа се случува по секоја пријава на која не е соодветно постапено. По секое „Не сме ние надлежни“. По секое „Имаш ли каде да одиш, да не ти биде полошо сама со детето?“ По секое „Дојдете утре, а до тогаш Господ нека ти е на помош“.“
Ако фемицид е убиство на жена затоа што е жена, дали, прашува таа, имаме термин за убиство што го извршува државата? И дали некој одговара за овие институционални убиства што стануваат сè почести?
Семејно насилство — бројки што алармираат
Официјалните податоци покажуваат дека семејното насилство во земјава не е изолиран туку структурен проблем.
Во земјава, од 2019 до 2023 година, се евидентирани околу 20 случаи на фемицид, со 17 покренати кривични постапки и 19 убиени жени. Повеќето од жртвите се убиени од раката на сегашни или поранешни партнери или сопружници и тоа најчесто во нивните домови.
Во 2022 година, Министерството за внатрешни работи регистрира 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство, што е раст во однос на претходните години. Од нив, 79 % од жртвите биле жени, најчесто сопруги или мајки, а 92 % од сторителите биле мажи.
Во 2025 година, само во првите три месеци биле евидентирани 391 нова жртва, од кои 284 биле жени, 54 деца, покажуваат податоците на Министерството за труд и социјална политика.
Ова се само официјално пријавените случаи додека вистинската слика веројатно е поголема, бидејќи многу жртви не пријавуваат насилство поради стигма, страв или недоверба во системот.
Активистката Сара Миленковска, на оваа тема во интервју за Трн изјави:
„Секоја година се прашуваме дали ќе преживеат жените во Македонија? Дали некоја жена ќе го преживее воздухот, пораѓањето во болница, преминувањето на улица, темините улици, безбедноста на работа, платата, достоинството итн. Жените и девојките во Македонија, ниту се заштитетни од насилство, ниту овој систем ги препознава. Многу често, во обидот на креирање на подобри стратегии за тоа како да се адресираат повеќеслојно и интерсекциски проблемите со родовата нееднаквост и родово базираното насилство зборуваме како овој проблем е политичко прашање, а не само женско прашање, и така треба да го адресираме.“
Според неа во изминатите 15 години, најголемиот неуспех на системот не е недостатокот на закони, туку недостигот од храброст да се прекине со патријархалната логика што го произведува насилството. Секоја нова жртва не е „трагичен случај“, туку предвидлив исход на систем кој зборува за еднаквост, но активно го штити статус квото на надмоќ, контрола и неказнивост.
Каде најчесто „пука“ системот?
Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија се наоѓа на третото место во Европа по стапката на фемициди, со шест убиени жени на еден милион жители. Пред нас се само Латвија и Литванија, додека просекот во Европската унија изнесува четири жени на милион жители.
Овие бројки се однесуваат на убиства извршени од интимни или поранешни партнери, што ги квалификува како фемициди или најекстремната форма на родово базирано насилство.
Фактот што Македонија континуирано се наоѓа меѓу земјите со највисоки стапки во Европа упатува на сериозен системски проблем, а не на поединечни „семејни трагедии“, како што често се квалификуваат овие случаи во јавниот дискурс.
Експертите за семејно насилство со години укажуваат на исти слабости: недоволна проценка на ризик; формално наместо суштинско постапување; слаба комуникација меѓу институциите; недоволно следење дали мерките навистина се спроведуваат.
Кога институциите ќе ја исполнат само својата административна обврска без интегрирана реакција, жртвата останува сама во лавиринтот.
Според Марта Стевковска од Stella Network, која неколку пати до сега зборуваше на оваа тема, токму слабата институционална реакција и несоодветната проценка на ризикот се клучните фактори што водат кон фемицид.
„Слабата реакција на институциите и недоследното постапување по пријавите, како и несоодветната проценка на ризикот за насилство, за жал може да доведат до најтешкиот облик на родово-базираното насилство фемицидот. Сведоци сме дека и покрај тоа што жртвите пријавувале насилство, полицијата и обвинителството во одредени случаи не реагирале соодветно или воопшто не реагирале,“ вели Марта.
Таа посочува дека во дел од случаите нема ниту судски процес, ниту притвор за насилниците, а често нема ни ефективни мерки за заштита на жртвите.
„Нема мерки за да се заштити жртвата или тие не се почитуваат до крај. Тоа создава чувство дека системот не реагира, а насилството може неказнето да ескалира,“ додава таа.
Одговорноста е институционална
По вчерашниот слушај, важно е да се нагласи дека додека трае истрагата, нема простор за шпекулации или пресуди. Но има простор за прашања што бараат конкретни одговори од надлежните: Дали биле изготвени проценки на ризик? Дали биле предложени и изречени заштитни мерки? Дали некој ја следел нивната примена? Кој механизам утврдува одговорност ако постапувањето било недоволно?
Довербата во системот зависи од транспарентноста не од сензационални детали, туку од јасни одговори.
Убиствата на жени не се „изолирани случаи“, тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот.
И потоа истиот тажен заклучок: животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен, а истемот мора да понесе одговорност.
Секој случај на семејно насилство што завршува фатално отвора едно суштинско прашање: дали можело да се спречи?
Не секој исход може однапред да се предвиди, но системот постои токму за да го намали ризикот, особено кога ризикот е веќе познат.
Токму затоа, ова не е момент за таблоиден пристап. Ова е момент за сериозна институционална анализа, за јавноста да добие одговори и за процедурите да се преиспитаат. И конечно за некој да понесе одговорност.