Во својата суштина, демократската политика постои за да го задржи насилството, за да ни овозможи битките да ги водиме со зборови, гласови и закони наместо со крвопролевање. Но тоа функционира само ако сите веруваат дека нивните противници се посветени на истата мирољубива игра. Кога еродира таквата доверба, демократијата потфрла.
Затоа е толку вознемирувачко брзањето да се пофали Чарли Кирк по неговата смрт. Не затоа што не треба да се жали за неговиот живот – секој живот е важен – туку поради начинот на кој луѓето избираат да го паметат. Го фалат не поради содржината на неговите идеи, туку поради начинот на кој ги изнесувал. Велат дека бил „смирен“, „почитувачки“, „го охрабрувал дијалогот“. Небаре учтивиот тон може да ја измие суровоста на неговата суштина. Но токму тоа е опасноста: мешањето на присебноста со доблест. Маскирањето на омразата во учтив разговор не ја неутрализира – туку само ја прави полесна за голтање.
Авторитаризмот вообичаено не доаѓа со чизми што чукаат на вратата. Тој се вовлекува. Почнува со зборови – разумно звучна реторика што сее поделба и дехуманизација под превезот „дебата“. Лидери што продаваат расизам, мизогинија и хомофобија често не почнуваат со оган и бес; почнуваат со трпение, смирени тонови и бескрајно инсистирање дека само „поставуваат прашања“. Тој превез на учтивост е Тројанскиот коњ. Ги спушта одбраните, ги легитимира омразните идеи и ги поместува границите на она што го прифаќа општеството.
Историјата нè предупредувала и претходно. Во 1920-тите и 1930-тите, Хитлер не се воздигна само преку врескачките говори на балкони – напредуваше искористувајќи култура што ја толерираше неговата реторика во името на слободната дебата. Кога зборовите се стврднале во оружје, веќе било доцна. Демократиите пропаѓаат кога луѓето ја мешаат толеранцијата на омразата со неутралноста.
Да, слободата на говорот е темел на американскиот живот. Но одбраната на слободниот говор не значи осветување на говорот на омраза. Да се велича Кирк како човек кој се залага за дијалог, без да се именуваат расизмот, мизогинијата, хомофобијата и лагите што го обојуваа неговото послание, не е неутралност – тоа е соучесништво. Го храни бавниот марш кон авторитаризмот.
И не можеме да ја игнорираме последната, брутална иронија: самата смрт на Кирк дојде од цевка на пиштол, во нација што изобилува со нив. Пиштоли за кои се бореше да бидат подостапни. Пиштоли што секоја година одземаат илјадници животи. Неговото убиство не е некаква чудна аномалија – тоа е огледало. Одраз на насилната реалност што помогна да се одржува.
Темелите на демократијата веќе се ослабени. Заштитните огради што требаше да ја задржат политичката насилност се напукнати. Овој атентат можеби нема да биде настанот што ќе ја скрши Америка – но во време кога учтивоста се меша со доблест, а омразата се маскира како дијалог, наивно е да мислиме дека сме имуни.
Извор: Окно.мк