Во Скопје, чадот веќе не е само дел од зимската магла. Пожарите на Дрисла, Вардариште и Трубарево го претворија воздухот во отровна смеса што ја чувствуваат сите, иако службените бројки често велат дека „нема опасно загадување“.
CalRecycle предупредува: пожари на депонии испуштаат јаглерод моноксид, бензен и други канцерогени соединенија. Овие супстанции не можат да се „измерат“ со едноставен PM индекс, но оставаат трајни последици врз здравјето и околината (CalRecycle). Тоа е вистината зад чадот кој ни ги полни белите дробови и ја гуши метрополата.

Граѓаните го живеат тоа секој ден. Прозорците остануваат затворени иако е топло, луѓето носат маски за да стигнат до продавница, децата се враќаат од училиште со солзи во очите и кашлица, а домовите мирисаат на изгорено. Официјално, извештаите смируваат. Но, на теренот — гушење, страв и тивок очај.
Во вакви услови се роди иницијативата „Стоп за Вардариште“ — симбол на граѓански отпор кон институционалната неспососбност. Луѓето излегоа на улица, го блокираа мостот „Близнаци“ и испратија порака: Нема да чекаат институциите да ги спасат, ќе се борат сами за чист воздух.
EPA и СЗО одамна предупредуваат дека нема безбедно ниво на изложеност на чад. Секој здив во овие денови е компромис, секоја минута помината во чад е минута украдена од иднината.

Кога горат депониите, не гори само отпадот. Гори воздухот што го дишеме, здравјето на нашите деца и животот на целиот град.
Ако институциите молчат, граѓаните мора да зборуваат погласно.
„Стоп за Вардариште“ не е само протест — тоа е крик за опстанок.
