Во последните неколку дена, главниот град се соочува со сериозен колапс: ѓубрето не се собира, а Скопје личи на отворена депонија без контрола. Преполни контејнери, купишта отпад, неподнослива миризба и страв од зарази се секојдневие во речиси сите општини. Градот полека, но сигурно, заличува на темен средновековен центар без основна комунална хигиена.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ речиси цела недела не излегува на терен, без официјално објаснување. Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, додека локалните власти меѓусебно си ја префрлаат вината.
Натрупувањето ѓубре во урбаните средини не претставува само естетски проблем, туку сериозна закана за јавното здравје. Отпадот создава идеални услови за развој на штетници, особено глодари како глувци и стаорци, кои се познати преносители на бројни заразни болести. Натрупаните депонии, посебно кога не се редовно одржувани, стануваат жаришта на бактерии, вируси и паразити кои може да предизвикаат епидемии и сериозни здравствени проблеми.
Глодарите, кои најчесто се кријат во купишта отпад и неприлагодени места, се главни преносители на болести како лептоспироза, хантавирус, бубонска чума и други. Тие можат да го контаминираат воздухот, храната и водата со својата урина, измет и плунка, што создава ризик за директна или индиректна инфекција кај луѓето.
Покрај глодарите, инсектите како бубачки и муви, кои се хранат и размножуваат на смет, исто така пренесуваат болести преку бактериите и вирусите што ги носат на телото. Натрупаниот отпад го поттикнува нивниот развој, што дополнително го зголемува ризикот за јавноздравствени проблеми.

Што велат експертите?
Во јавноста до сега со официјален став не излегоа одговорните здравственит инстутуции , Центарот за Јавно здравје или Институтот за Јавно здравје.
Трн се обрати до пет експерти од областа на јавното здравје, епидемиологијата и санитарната хигиена, барајќи стручна проценка за актуелната состојба во Град Скопје и потенцијалните ризици по здравјето на граѓаните. Прашањата беа насочени кон тоа дали постои реална опасност од појава на заразни заболувања како директен одговор на моменталната санитарна криза, како и дали акумулираниот отпад и нарушените хигиенски услови може да предизвикаат пораст на глодари, инсекти и други преносители на инфекции.
Не добивме изјава од ниту еден од повиканите експерти. Нивното молчење само по себе претставува алармантен индикатор. Ваквиот став, може да се толкува како воздржаност или неодговорност. Фактот дека стручната заедница не се охрабрува да зборува отворено, укажува дека опасноста е реална, а можеби и дека црните сценарија што ги демнеат жителите на Скопје се многу поблиску отколку што изгледа.
Прашања испративме и до Институтот за јавно здравје.
Професор од Медицинскиот факултет, од Катедрата за Јавно здравје кој сакаше да остане анонимен, за Трн изјави дека состојбата е сериозна и веќе мора да се реши, бидејќи постои реална опасност.
Во меѓувреме со свој став излегоа епидемиологот Драган Даниловски и Никола Пановски.
„Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ практично не функционира, а купишта ѓубре се натрупани околу контејнерите. Ова веќе не е прашање на естетика или урбан ред, туку на јавно здравје,“ вели Даниловски.
Тој предупредува дека состојбата кулминирала со инцидент во кој дете било каснато од глушец во училишен двор во близина на насобрано ѓубре. „Тоа не е повеќе инцидент, туку симптом на системски распад,“ истакнува тој.
Според Даниловски, ваквите услови создаваат идеална средина за ширење на заразни болести како лептоспироза, хантавирус и бубонска чума. „Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој на глувци и стаорци. Прашање е колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци,“ предупредува тој.
„Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине. Преминат е Рубиконот. Нема назад,“ нагласува Даниловски. Тој апелира за итна, координирана интервенција на сите надлежни институции, со можност и за прогласување вонредна состојба на делови од градот, со цел дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
„Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето на децата. Правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин,“ потенцира Даниловски на ФБ.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски предупреди дека Скопје се соочува со сериозен ризик од масовно размножување на глодари и можни заразни болести поради наталожениот смет.
„Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори! Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство, излегуваат од подрумите, се хранат и се оплодуваат. За еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Дури и ако градот се исчисти по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат, ќе ни влезат дома“, предупреди др Пановски.

Кои болести се поврзани со натрупување ѓубре и глодари
Лептоспироза е бактеријска инфекција која се пренесува преку контакт со урината на заразени глодари. Болеста може да предизвика треска, главоболка, мускулни болки, па дури и сериозни компликации како оштетување на бубрезите или јетрата. Поради влажната средина создадена од ѓубрето, ризикот од ширење на лептоспирозата во градовите со лоша хигиена значително се зголемува.
Хантавирусната инфекција се пренесува преку аеросоли од урината, изметот и плунката на заразени глодари. Оваа болест најчесто предизвикува сериозни респираторни проблеми и може да биде фатална доколку не се третира навремено. Глодарите кои се размножуваат во неприлагодени и нечисти средини, како што се натрупани депонии, се главни резервоари на вирусот.
Бубонската чума е позната како „црната смрт“ која во минатото однесе милиони животи. Денес, иако се ретка, чумата сè уште се јавува во некои делови и се пренесува преку блоевите на глодарите кои се шират од заразените животни на луѓето. Оваа болест предизвикува воспаление на лимфните жлезди, висока температура и ако не се лекува, може да биде фатална.
Туларемијата е бактеријска болест која се шири преку директен контакт со заразени животни или преку убод од заразени инсекти. Глодарите, зајаците и други животни се природни резервоари. Болеста предизвикува висока температура, воспаление на лимфните жлезди и кожни рани.
Салмонелозата е бактеријска инфекција која се шири преку контаминирана храна и вода, а глодарите можат да бидат носители на бактеријата. Болеста предизвикува дијареја, треска и стомачни грчеви и може да биде особено опасна за деца и лица со ослабен имунитет.
Токсоплазмозата е паразитска болест која се шири преку контакт со измет од заразени животни, најчесто мачки, но глодарите може да бидат дел од циклусот на ширење. За обичните луѓе, инфекцијата обично е блага или асимптоматска, но може да биде опасна за трудници и имунокомпромитирани лица.

Состојбата со институциите
Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет и издаде наредби до МВР и другите инспекторати за итна истрага и прибирање на докази за евентуално кривично дело. Вонреден надзор е побаран од Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Санитарниот инспекторат и Институтот за јавно здравје.
Градоначалничката Данела Арсовска вината ја префрли на Управниот одбор на претпријатието, во кој, како што тврди, мнозинството се кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од ЈП „Комунална хигиена“ пак не даваат конкретни причини, освен што споменуваат долгови и обвинуваат дека Министерството за здравство им должи 5 милиони евра – обвинување што Министерството го негира.
Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска одржа состанок со Штабот за заштита и спасување кадешто се донесоа итни одлуки за справување со кризата со сметот во Центар. Тој потенцира дека се прави мобилизација на сите служби и ресурси на општината и на ПОЦ.
Што понатаму?
Скопје деновиве повеќе наликува на отворена депонија отколку на главен град. Контeјнерите се преполни, улиците се претворени во планини од ѓубре, а воздухот мириса на распаѓање и политичка немоќ. Она што беше комунален проблем за неколку дена прерасна во јавно-здравствена закана и срам за целата држава.
Состојбата со ѓубрето во Скопје, ако не се реши итно и ефективно, може да предизвика сериозни јавноздравствени кризи. Затоа е од клучна важност надлежните институции да преземат координирани и брзи мерки за чистење, дезинфекција и контрола на глодарите и инсектите. Безбедноста на граѓаните, особено на децата, е приоритет што не смее да биде занемарен.
Јавното здравје е темел на секое современо општество и доколку дозволиме натрупување на ѓубре и неконтролирана популација на глодари, ризикуваме не само здравствени последици, туку и губење на довербата во институциите и стабилноста на целата заедница.
