Вкупно 39 припадници на Министерството за внатрешни работи погрешно постапиле во случаите каде Стојанче Јовановски, сега обвинет за наведување на самоубиство на Ивана, бил пријавуван за семејно насилство, објави денес „Слободен печат“. Кај сите нив Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврдил пропусти во постапувањето по пријавите во конкретниот случај.
Ова значи дека 39 полицајци слушале од жртвата како мажот ја клоца до повреди поради кои завршила во болница, дека ја тепа пред малолетната ќерка, на јавни места и во својот дом и не направиле ама баш НИШТО.
Ако ова што денес се опишува во судницата не е семејно насилство, тогаш навистина се прашувам како се дефинира во МВР „семејно насилство“ и како се води во записник. Како „мало кошкање“ или „семејна расправија“, можеби?
Уште пострашно е дека, според податоците што ги објави „Слободен печат“, на МВР му требале цели 45 дена да испрати известување до Центарот за социјални работи Скопје дека имало „прекршок на јавниот ред и мир“, откако Стојанче ја тепал починатата сопруга пред детето во парк пред сведоци. И повторно семејното насилство не било регистрирано, иако можело да се квалификува и како „загрозување на сигурноста“, што се гони по службена должност.
Не знам дали е пострашен фактот што 39 луѓекои живет околу нас сметаат дека е нормално маж да тепа жена пред очите на детето или тоа дека полициски службеници не препознаваат насилство и не преземаат ништо во ситуација кога можат и мораат. Кого треба да штити оваа држава? Мажот насилник или жената жртва и детето пред чии очи се случува насилство?
Неодамна за „Трн“ зборуваше жена жртва на семејно насилство која сведочеше како, по ќотек од мажот, отишла да пријави во полиција. Таму насилникот, во присуство на службено лице, ѝ се заканувал дека ќе ја убие веднаш штом ќе ја напушти полициската станица. На прашањето што да прави, службеното лице ѝ одговорило: „Господ нека ти е напомош“.
Росица од Велес, која пред неколку месеци беше убиена од својот партнер, повеќепати пријавувала насилство во полиција. Не добила заштита. Ниту еден од полицајците до денес не е гонет поради пропусти во работата во тој случај.
Ако 39 полицајци за случајот на Ивана можат да „погрешат“, и веројатно уште толку за Росица, тогаш тоа веќе не е грешка. Тоа е цел систем што (не) функционира. Ова што денес се случува е приказна за институционален молк, за нормализирање на насилството и за држава која селективно одлучува кого ќе заштити или уште пострашно, одлучува да го заштити насилникот.
Кога 39 службени лица не препознаваат семејно насилство и покрај пријави, сведоци, повреди и дете кое гледа како мајка му се тепа, тогаш проблемот не е во поединецот, туку во културата на системот, во општествените норми кои ги (не) ги увојуваме и во начинот на кој насилството се минимизира и преименува од „тепање“ во „нарушување на јавен ред и мир“, од кривично дело во административна формулација.
45 дена да се испрати известување значи 45 дена една жена да живее со насилник. Цели 45 дена во кои институциите имаат време да реагираат, а одлучуваат да не го прават тоа.
И тогаш се поставува најнепријатното прашање: дали институциите не знаат или не сакаат да постапат?
Затоа што ова не е изолиран случај. Приказната за жената која добила одговор „Господ нека ти е напомош“ не е анегдота, туку дијагноза на системот во кој живееме. Истото важи и за случајот со Росица од Велес, која повеќепати пријавувала насилство, а на крајот била убиена, без последици за системот. Ова важи и за сите убиени жени.
Ова е континуитет, не исклучок.
Кога насилството не се именува како насилство, кога не се гони и не се санкционира, тоа полека станува дозволено. А кога станува дозволено, следниот чекор е трагедија. Тука повеќе не станува збор за правни квалификации, туку за морална одговорност.
Кого штити државата? Ако одговорот не е жртвата, тогаш сè друго е само форма без суштина. И секоја следна жртва не е „несреќен случај“, туку последица на систем што одлучил да не гледа што се случува пред неговите очи.
Кога насилството не се именува како насилство, кога не се гони, кога не се санкционира, тоа полека станува дозволено. А кога станува дозволено, следниот чекор е трагедија и тука повеќе не станува збор за правни квалификации, туку за морална одговорност.
Кого штити државата? Ако одговорот не е жртвата, тогаш сè друго е само форма без суштина. И секоја следна жртва не е „несреќен случај“ и статистика, туку последица на систем што одлучил да не гледа што се случува пред неговите очи и институции.