Во време кога компаниите сè погласно зборуваат за недостиг на работна сила, а од друга страна илјадници луѓе остануваат невидливи за пазарот на труд, се појавува методологија која ја менува перспективата – и системски и човечки. Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, повеќе од десет години работи со ранливи групи и ги следи нивните најдлабоки борби, стравови, но и потенцијали. Од тоа искуство се роди и социјалното менторство, македонска методологија верификувана од МОН, која денес се имплементира не само во земјава, туку и низ целиот регион.
Со стапка од 72% успешно вработување меѓу менторираните лица, оваа практика станува доказ дека „невработливи“ луѓе не постојат – постојат луѓе на кои им е потребна поддршка, систем и некој што ќе поверува во нив во моментите кога тие самите не можат. Во ова интервју разговараме со Илијевски за тоа што ја прави методологијата толку ефикасна, какви предизвици се јавуваат кај работодавачите, зошто „скриениот пазар на труд“ е всушност огромен неискористен ресурс, и каде го гледа ПАБЛИК во следните години.
Ова е разговор за промената – прво лична, па општествена. И за тоа како една идеја создадена во Македонија станува модел што ја менува економијата на целиот регион.

Трн: Ти си иницијаторка на методологијата за социјално менторство која е верификувана од МОН и веќе се имплементира и во земјава и во регионот за вработување и интегрирање на работно место на лица кои што од различни причини останале надвор од пазарот на труд. Што e всушност е социјалното менторство на ПАБЛИК?
Климентина: Социјалното менторство е методологија која овозможува длабока, персонализирана поддршка и активирање на внатрешниот потенцијал на луѓето, особено на оние кои се соочуваат со повеќекратни бариери за вклучување на пазарот на труд.
За разлика од традиционалното советување или обука, социјалното менторство не се фокусира само на вештини како подготовка на CV, интервју-техники, формални квалификации, туку тргнува од длабоко разбирање на личната приказна на секое менторирано лице: неговите животни околности, верувања,
социјални конекции, емоционална состојба. Акцент се става на препознавање на афинитетите и капацитетите кај менторираните лица кои низ процес на поддршка ги освестуваат и ги ставаат во служба на нивниот развој. Во зависност од бариерите, процесот на менторство трае од шест до дванаесет
месеци и вклучува редовни индивидуални сесии со ментор кој ја дава поддршката и пред вработувањето, но и во првите месеци после вработувањето.
Трн: Во Македонија веќе постои регистрирано занимање „ментор за работна интеграција“. Кои се во суштина социјалните ментори односно менторите за работна интеграција, како ги избирате?
Климентина: Да, занимањето ментор за работна интеграција е дел од класификацијата на занимања во Македонија што значи дека менторот е професионалец со дефинирани компетенции и работи по утврдени стандарди. Менторите ги избираме низ повеќеслоен процес, не ни е важна само формалната
едукација (психолог, педагог, социјален работник), туку и искуството и личните квалитети како и нивната подготвеност да се вложат себеси во овој процес и вербата дека промената е можна. Во суштина ова се професионалци кои имаат способност за длабока, емпатична работа со обесхрабрени или страуматизирани лица од една страна, а од друга, со практично познавање на пазарот на труд, работодавачи, индустрии, и реалните услови на работните места.

Трн: Кога станува збор за обесхрабрени, долгорочно невработени лица, колку е можна и брза промената, колку тие можат да станат успешна работна сила?
Климентина: Секој ден сведочиме промени. Потенцијалот постои само треба да се создадат услови тој да се канализира, систем за да се активира тој потенцијал. Колкава и каква ќе биде промената не зависи исклучиво од личните бариери кај поединците кои што ги вклучуваме на пазарот на трудот, туку и од нивната потесна околина – семејството, од можностите да се стигне до работно место, од соработката со професионалци од институциите на системот, како и од механизмите за активација на државата. Сме имале ситуации каде што лицето е целосно обесхрабрено од семејството, па во вакви случаи значајно ни е
вклучување на социјален работник од центрите за социјална работа, а сме имале и програми во кои што менторот работи директно со семејството. Ова се поинтензивни процеси кои што бараат и повеќе време. Од друга страна сме имале и ситуации каде што огромен проблем е неможноста одредени кандидати
од руралните средини да стигнат на работно место. За да имаме успешни вработувања и задржувања на работното место исклучително е важна синхронизацијата со институциите и меѓу институциите.
Имаме над 33.000 семејства кои што се приматели на социјална помош кои тешко се одлучуваат да излезат на формалниот пазар на труд. Очигледен е нивниот страв да ја загубат помошта зашто тоа е нивната сигурност. И овие стравови ги држат во заглавеност. Верувам дека најавените промени во Законот
за социјална заштита за процентуално квартално намалување на социјалната помош по вработувањето во текот на една година, ќе се случат брзо и со тоа ќе се ослободи значаен работен потенцијал кој што ќе се стави во служба на фирмите.
Во суштина услугата што ја нудат нашите ментори е услуга што сите граѓани на кои што им е потребна, треба да ја добиваат зашто очигледно во земјава и во регионот се повидливо е дека имаме неискористен работен потенцијал, а во исто време фирмите имаат проблеми со пополнување на работни места поради
„недостаток“ на работна сила.
Трн: Какви се досегашните резултати од имплементација за социјалното менторство во земјава и во регионот?
Климентина: Можам слободно да кажам дека тие се импресивни, 72 проценти од над 500 менторирани лица се вработија. Процентот е од нашето делување не само во Македонија туку и во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, а од следната година заедно со нашиот партнер Германско друштво за
интернационална соработка (ГИЗ) ќе обучуваме и ментори во Црна Гора. Она што ме радува е што методологијата создадена овде, во Македонија, покажа дека функционира во различни контексти во земјите на Западен Балкан – од градски средини до рурални области, од млади без работно искуство, до жени жртви на насилство и лица со попречености. Ова секако е возможно преку адаптациите што се направени за различните групи што ги вклучуваме во програмата. Но, универзалното јадро е истото: секој човек има потенцијал, но потребна му е длабока, персонализирана поддршка за да го активира.
Покрај стапката на вработување, процесот донесува и длабоки лични трансформации: надминување на лимитираните верувања, враќање на самодовербата, градење социјални конекции, развој на стратегии за справување со предизвици на работното место…
Трн: Како ПАБЛИК им помага на компаниите да погледнат во тој „скриен пазар на труд“, во тие лица кои што имаат потенцијал, ама им треба поддршка во интеграцијата? Во суштина, како им помагате да бидат инклузивни работодавачи?
Климентина: Работодавачите денес се жалат на недостиг од кадар, но и на големи флуктуации на работна сила и ова се големи трошоци за бизнисите. Според статистиката, над 98.000 лица се регистрирани како невработени, 33.000 семејства се приматели на социјална помош што значи дека работна сила има, но фалат модели како да се вклучи и задржи на пазарот на труд. „Скриениот пазар на труд“ е голем, точно е дека таму недостасуваат вештини, па затоа нашите програми овозможуваат и обуки за доквалификација и преквалификација. Од друга страна доаѓа нова генерација на работна сила која што има поинакви очекувања, потреби. Можеме да ги игнорираме тие потреби и да осудуваме или да се заинтересираме што има под тие потреби и како да го надминеме тој меѓугенерациски јаз. Факт е дека пазарот на труд се менува и колку повеќе работодавачите се отворени за промени, за излегување од патерните и убедувањето дека така се работело со години и тоа носело резултати, толку повеќе стануваат посакувани работодавачи. Не е спорно дека одредено делување носело резултати, но во поинаков контекст, во друго време, со други луѓе. Како сме во служба на бизнисите? Со тоа што им го свртуваме вниманието кон
работната култура која според најновите истражувања за првпат станува поважна од платата што значи дека работниците сакаат на работа да им е добро, да имаат чувство на припадност, да бидат почитувани и слушнати. Компаниите ги поддржуваме во градењето инклузивна работна култура, од инклузивна регрутација и селекција преку инклузивен онбординг и менторство на работно место и секако со насочување на кандидати со кои што работат нашите социјални ментори на нивните отворени работни
позиции.
Трн: Од досегашното искуство, што најчесто ги спречува работодавачите да бидат инклузивни?
Климентина: Работата во бизнисите е динамична, борба со рокови, испораки, процеси. И покрај тоа што се ова зависи од работната сила, ставањето на вниманието како да создадам одржлива работна сила преку подобрување или промена на работна култура, не е приоритет. Секако дека и ова е процес и бара внимание, посветеност, обуки и резултатите на доаѓаат преку ноќ. Работната култура се гради, во неа се вложува, а континуираната посветеност носи бенефити на долг рок.
Во однос на вклучувањето и интегрирањето лица кои што подолго биле надвор од пазарот на труд, сеедно од кои причини, постои задршка, но и страв – како овие лица ќе се снајдат, колку брзо ќе станат ефикасни на работното место… Но, кога работодавачот ќе види дека “ризичниот” кандидат всушност е одличен
вработен, тој почнува да гледа поинаку и на другите кандидати со слична позадина.

Трн: Колку се присутни негативните искуства од активирањето и интегрирање долгорочно невработени лица?
Климентина: Најголем проблем во интегрирањето на пазарот на труд имаме кај корисниците на социјална помош, а нивната бројка не е за занемарување. Точно е дека има лица кои што се болни и измемоштени и навистина не можат да работат, има и лица кои што живеат во рурални средини и поради отсуство на транспортна инфраструктура тешко можат да стигнуваат на работните места. Но, значаен дел од корисниците на социјална помош се работоспособни, активни се на црниот пазар на труд и се чувствуваат комфорно во имањето статус на корисник на гарантиран минимален приход (ГМП) поради бројните други бенефиции што им го овозможува овој статус.
Трн: Спомена дека работите и со странски партнери – колку регионалната соработка помага во унапредување на социјалното менторство?
Климентина: Многу. После секој циклус на менторирање во секоја земја во која што работиме, сумираме научени лекции и со тоа во континуитет ја подобруваме методологијата. Во секоја земја имаме различни профили на ментори – некои се вработени во бизниси, некои во државни институции, а некои во граѓански сектор. Миксот од искуства е бесценет, а она што во континуитет ни се потврдува е дека социјалното менторство е неопходно во создавањето одржлив пазар на труд и економија која го активира целиот локален човечки потенцијал. Наши партнери во работата се Германското друштво за интернационална соработка, Светска Банка, Министерството за социјална политика, демографија
и млади, УН Воман, а нивното присуство во програмите на ПАБЛИК овозможија практикување на социјалното менторство на широк спектар на лица со потешкотии да се вклучат на пазарот на труд.
Трн: Каде го гледате ПАБЛИК за пет години? Кои се следните предизвици што сакате да ги отворите во општеството?
Климентина: Нашиот фокус останува пазарот на труд. Трендот на ширење и препознавање на
социјалното менторство како услуга верувам дека ќе продолжи и ќе придонесе кон поголема рамнотежа меѓу понудата и побарувачката на работна сила. Следната година ќе ги обучиме првите социјални ментори во Црна Гора, а ќе ми биде многу драго ако методологијата создадена овде во Македонија, ја извеземе
и подалеку од Балканот, а можеби и на други континенти. Постојат некои најави, кои верувам ќе станат и реалност. Овде кај нас, за пет години, би сакала да биде направена кост бенефит анализа која ќе пресмета што донела примената на социјалното менторство и за државата, и за бизнисите и за корисниците кои
што биле дел од програмата и си ги промениле животите.
ПАБЛИК останува да делува и како организација која е посветена на истражувања и политики, на импакт економија и секако и на медиумот кој веќе 13 години зајакнува сограѓани кои што имаат потешкотии да се вклучат на пазарот на труд, “Лице в лице“.

Трн: Кое е твоето лично мото или порака за младите жени кои сакаат да создаваат промени?
Климентина: Јас сум човек што сака да гази по неразгазени патишта. Сакам предизвици, се
впуштам во нив, истражувам додека чекорам, грешам, учам… И успевам! Во суштина, најинтересните патишта се оние кои не се на мапите.
Ако треба да склопам порака, би звучела вака: Не чекајте совршени услови, не чекајте да знаете сè – почнете од каде што сте и градете нешто што има смисла не само за вас, туку и за општеството, за светот! И бидете подготвени -најдобрите работи ги градат оние кои продолжуваат и кога е најтешко.
Трн: Како изгледа Македонија што вие би сакале да ја видите – во однос на еднаквите можности, родовата правда и инклузијата на ранливите?
Климентина: Македонија би сакала да ја видам како земја која станува свесна за своите потенцијали и ги става во служба на нејзиниот развој. И за бројните природни потенцијали и за човечките – талентите што ни се осипаа по светот и луѓето кои ни се тука, а не создаваме услови да добијат можност да го развијат својот капацитет. Во таквата Македонија инклузивното вработување не е “добро дело“ туку паметна бизнис стратегија, флексибилните работни саати не се привилегија, а жените не се „ризик“ зашто можат да родат. Во таа Македонија социјалната помош е мост, а не дестинација односно кога добиваш социјална
помош, автоматски добиваш и социјален ментор за работна интеграција кој работи со тебе на активирање на твојот потенцијал. Каде што секој денар вложен во менторството се враќа повеќекратно преку даночни приходи, намалени социјални трошоци, активна потрошувачка. Во таа Македонија професионалците од службите за човечки капитал се обучени да работат со „скриениот пазар на труд“ и менторот за работна интеграција не е егзотично занимање, туку нормален дел од секој тим за човечки капитал. Каде што во
курикулумите за човечки капитал се учи за социјално менторство. Во таа Македонија ранливоста не е пресуда, а долгорочната невработеност, попреченоста, ниското образование и животот во сиромаштија – не те дефинираат како “невработлив”.
