Мрежата World Weather Attribution (WWA), која го следи влијанието на глобалното затоплување врз екстремните настани, известува дека речиси секоја катастрофа што ја анализирале во последните 12 месеци била дополнително интензивирана од климатските промени.
„Влијанието на затоплувањето на Земјата од користењето на фосилни горива никогаш не било појасно или поразорно отколку во 2024 година. Живееме во нова, опасна ера,“ изјави Фридерике Отто, научник за клима и водач на WWA.
Жештини
Еден од најголемите проблеми со жештините се појави за време на годинешниот муслимански аџилак во Саудиска Арабија, кога умреа 1300 луѓе бидејќи температурите достигнаа 51,8°C. Екстремните жештини, наречени „тивок убиец,“ беа смртоносни и во Тајланд, Индија и САД.
Во Мексико, жештините беа толку интензивни што мајмуни паѓаа мртви од дрвјата, додека во Пакистан милиони деца не можеа да ги напуштат домовите поради температури над 50°C.
Грција го забележа најраниот топлотен бран, а летото беше најтопло во историјата на Европа, со шумски пожари кои ја затворија Акрополата.
Поплави
Потоплите океани и повлажниот воздух предизвикуваат обилни и непредвидливи дождови. Во април, Обединетите Арапски Емирати за еден ден добија количина дожд што обично паѓа за две години.
Поплави ги зафатија Кенија, западна и централна Африка, Шпанија, Авганистан, Русија, Бразил, Кина и многу други држави.
Бури и урагани
Потоплите океани ги интензивираат тропските циклони. Ураганите Милтон, Берил и Хелене предизвикаа огромни штети во САД и Карибите. На Филипините, во ноември се случија шест големи бури, само два месеца по тајфунот Јаги.
Шумски пожари
Сушата предизвикана од климатските промени уништи милиони хектари шума во САД, Канада и Амазон. Јужна Африка е погодена од глад, а 26 милиони луѓе се во опасност поради долготрајна суша.
Економски последици
Екстремните временски услови во 2024 година однесоа илјадници животи и предизвикаа економски загуби од 310 милијарди долари, според проценките на Swiss Re.
Поплавите во Шпанија, ураганите и сушите дополнително ги зголемија штетите, а производството на вино во светот е намалено на најниско ниво од 1961 година.
Насловна фотографија: Даниел Михајлеску / AFP