Климатските промени ги уништуваат пестицидите – земјоделците прскаат уште повеќе

Како што од година во година климатските промени добиваат сè поголем интензитет така се поизразени се последиците од нив. Земјоделието е едно од најпогодените. Бидејќи наглите зголемувања на температурите предизвикуваат пестицидите да не делуваат, а со тоа штетниците и болестите да се развиваат, земјоделците наместо да ја намалат нивната употреба, тие уште повеќе ја интензивираат.

Според последниот извештај од Мрежата против пестицидите може да се констатира дека ќе продолжи трендот на зголемена употреба на пестициди како што климата се загрева. Бројките доаѓаат по истражувањата во кои пред сè биле опфатени американските земјоделци. Најзагрижувачки е податокот што калифорниските фармери користат речиси петина од сите достапни пестициди. Ваквите механизми за заштита на земјоделските култури не само што придонесуваат за влошување на ситуацијата со климатските промени и загадувањето на почвата и подземните води, туку имаат и економски последици. Според пресметките, фармерите од Калифорнија трошат повеќе од 200 милиони фунти на пестициди, на годишно ниво.

Се зголемува употребата на пестициди и инсектициди во САД

Земјоделците од САД за период од околу една деценија драстично ја зголемиле употребата не само на пестициди туку и на хербициди. Па така, во периодот од 2005-та до 2020 година, употребата на пестициди пораснала за околу пет проценти, додека на хербициди за 34 отсто, во истиот период. Од Мрежата против пестициди заклучуваат дека трендот ќе продолжи и во иднина, бидејќи се намалува ефективноста на хемикалиите кои се користат за заштита, а тоа ќе предизвика дополнителен притисок врз земјоделството.

„Климатските промени не само што ја намалуваат ефикасноста на пестицидите и хербицидите туку ги прават поотпорни и штетниците. Сето тоа, сакале или не, го доведува во прашање и квалитетот на посевите“, вели Аша Шарма, истражувач од Мрежата против пестициди.

Пестицидите се директен извор на стакленички гасови

Според истражувачите загрижувачки е што некои од пестицидите содржат сулфурил флуорид и со тоа директно испуштаат стакленички гасови. Извештајот укажува на тоа дека земјоделците треба да се одвикне од употребата на пестициди во големи размери, бидејќи како што климата се загрева нивната ефикасност опаѓа. За да се постигнат резултатите кои претходно се добивале потребно е неколкукратно да се зголеми количината која ќе се распрска на земјоделските посеви.

Како да се избегне употребата на хемикалии во земјоделието

Иако научниците постојано се во трка со времето да пронајдат нови и еколошки методи за производство на храна сепак голем дел од земјоделците остануваат да се држат до правилата на конвенционалното земјоделие. Повеќето од нив се водат по правилото дека на една нива се садат едни култури и таквата пракса ја применуваат со години. Од друга страна пак агрономите ја истакнуваат потребата од ротирање на земјоделските култури. Во пракса тоа би значело ако една година на една површина имало засадено компир следната сезона тоа да бидат житарица. На тој начин не само што почвата ќе има време да се обнови со хранливи материи туку ќе се спречи и наезда на штетници. Следствено на тоа ќе се отфрлат пестицидите и хербицидите или во најлош случај ќе се намалат количините кои се употребуваат.

„Постојаното ротирање односно мешање на земјоделските култури на дадена површина, им создава шок и на инсектите и на болестите. Тоа значи дека ако годинава сте посадиле пиперки и забележите штетници следната година на таа површина засадете спротивна култура. Со тоа што ќе се промени растението ќе се променат и инсектите кои ќе предизвикуваат штети. Оние кои веќе се населени на таа територија ќе немаат храна, а веројатно е и дека ќе ги нападнат новите инсекти“, рече Шарма. „Значи, нема да ви требаат огромни количества од пестициди за да ги заштитите земјоделските посеви“.

Ниту ЕУ, ниту светот води детална статистика за употребата на пестициди

Како што се зголемува потребата од храна така земјоделците се борат да произведат што повеќе, без разлика кои последици ги оставаат по природата. Според познавачите на приликите иако е неприфатливо сепак е разбирливо. Тие истакнуваат дека земјоделците особено оние од посиромашни земји не можат да се фокусираат на последиците од пестицидите, бидејќи се во континуирана борба за опстанок.

Иако земјоделството како сектор е најозогласен кога е во прашање употребата на пестициди, за жал не е единствен. Хемикалиите кои се користат против штетници и болести наоѓаат своја примена и во шумарството, но и во урбаното градско живеење. Како пестицидите ќе се одразат врз здравјето на човекот и еко системот не зависи само од нивниот состав туку и од начинот на кој тие се користат.

Во моментов не постојат достапни податоци за толкава е употребата на пестициди во ЕУ, но се очекува работите да почнат да се менуваат од 2028 година, посочуваат од Регулативата за статистика во земјоделието. Сепак тоа не значи дека до сега ЕУ воопшто не водела никаква евиденција за количината на произведени пестицид. Годишни податоци за тоа колкава е продажбата на пестициди во ЕУ, кои се собираат од 2011 година, покажуваат дека стапката на продажба на пестициди останала релативно стабилна. На годишно ниво, во период од 2011 до 2020, се произведуваат околу 350.000 тони.

Изненадувачки е тоа што во 11 земји-членки, за време од една деценија продажбата на пестициди се намалила. Најголеми намалувања во употребата на пестициди бележат Чешка, Португалија и Данска. За жал, Латвија и Австрија во истиот период бележат драстични зголемување на продажбата на пестициди. Овие две земји, заедно со Шпанија и Италија, се рекордери по произведени, а со тоа и употребени количини на пестициди. Според овие параметри тие го носат епитетот топ четири земји во ЕУ како најголеми загадувачи со пестициди.

Притисокот на Европа кон одржлива употреба на пестициди

За иницијативата „Едно здравје“ потпирањето на индустриското земјоделство на пестициди е големо зло. Тие нотираат дека употребата на пестициди има големо и негативно влијание врз здравјето на луѓето, животните и екосистемот, како и врз безбедноста на храната.

Во контекст на Европскиот зелен договор, стратегијата од нива до трпеза ја согледа итната потреба за намалување на употребата од пестициди. Стратегијата предвидува акциски план за нула загадување до 2030 како и зголемување на биолошка разновидност: 50% намалување на употребата од хемиски пестициди; 50% намалување на употребата на хемикалиите со голем негативен ефект; најмалку 25% од земјоделското земјиште во ЕУ да биде наменето за органско производство.

Европската комисија се обврза да ја ревидира директивата за одржлива употреба на пестициди, преку одржлива употреба на производи за заштита на растенијата. Исто така се очекува и усвојување на некои правила за финансиска поддршка со цел стимулација на фармерите да се преориентираат кон зелена земјоделска политика со што помалку хемикалии.

За да можат да се согледаат ефектите од стратегијата од Европската комисија веќе работат на развивање на клучи индикатори кои ќе покажат како и колку се користат пестицидите. Сепак, недостатокот на податоци за ситуацијата во цела ЕУ ги кочи процесите.

60-70 % од почвите во Европската Унија не се здрави

Иако ја земаме здраво за готово, почвата е кревок, необновлив ресурс во нашиот животен век кој треба да се чува за идните генерации и со кој треба внимателно да се управува. Последните истражувања покажуваат дека 60-70 % од почвите во Европската Унија не се здрави. Европската унија преку посебната мисија за почвите повикува на ре-акција.

Со цел да се дејствува глобално мора да се почне локално. Водени со такво мото АРНО и Земјоделски Институт-Скопје на 15-ти мај во Европска куќа-Скопје организираат настан, NATI00NS: Здрава почва+зелени бизниси=инвестиции во нашата иднина. Преку панел дискусии еминентни професори, носители на зелени бизнис идеи и експерти за одржливи бизниси, на присутните ќе им ги објаснат проблемите, но и потенцијалите на македонската почва.

NATI00NS е европски проект финансиран во рамките на програмата HORIZON, координиран од Универзитетот Архус од Данска. Главната цел на NATI00NS е да допре и да ги подготви регионалните и националните чинители од Европа да аплицираат и да имплементираат т.н Живи лаборатории (Living Labs), придонесувајќи за мисијата на ЕУ „Договор за почвата за Европа“.

Преку девет годишната имплементација на натпреварот „Зелени идеи“ АРНО стана чинител кој е препознаен по промоцијата на зелена социјална економија. Низ годините, македонските граѓани аплицираат со зелени бизнис идеи за одржливи земјоделски практики, производство на храна, кои во голема мера се потпираат на здрави почви, и искористување на други видови земјишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни