Периодот на упорна жештина низ регионот донесе пренатрупани и прегреани болници, шумски пожари, токсични цветови на алги и нагло зголемување на бројот на давеници.
Според брза анализа од World Weather Attribution, топлотниот бран што траеше две недели во Норвешка, Шведска и Финска бил околу 2°C потопол и најмалку 10 пати поверојатен поради климатските промени предизвикани од човекот.
Екстремната жештина ги зафати овие инаку студени нордиски земји од средината на јули, со температури над 30°C. Финска забележа 22 последователни дена со температури над 30°C – што е нејзин најдолг топлотен бран во историјата. Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, една метеоролошка станица измерила температури над 30°C во 13 дена во текот на јули.
Студијата на World Weather Attribution истакнува дека топлотните бранови засилени од климатските промени го нарушуваат здравствениот систем и предупредува дека ваквите настани ќе бидат пет пати почести до 2100 година, освен ако не дојде до брз прекин на користењето на фосилни горива.
„Дури и споредбено студени скандинавски земји денес се соочуваат со опасни топлотни бранови при загревање од 1.3°C,“ вели авторката на студијата Фридерике Ото, професорка по климатски науки на Центарот за еколошка политика при Империјал Колеџ Лондон.