Институт за класични студии: „Деградирањето на класичните јазици е збунувачко и несоодветно“

Институтот за класични студии реагира на Предлог-концепцијата за гимназиско образование и бара латинскиот да биде задолжителен предмет

Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ излезе со соопштение во кое реагира на последната верзија на Предлог-концепцијата за средно гимназиско образование, оценувајќи дека новите решенија предвидуваат деградирање и недоволна застапеност на класичните јазици.

Наставниците од Институтот информираат дека со внимание ја разгледале Предлог-концепцијата и со свои забелешки се вклучиле во јавната расправа, во рамки на својата експертиза како единствена високообразовна и научна институција од областа на класичните студии во државата. Тие посочуваат дека континуирано ги следат состојбите во средното образование, обезбедуваат стручна поддршка за професорите што предаваат латински и старогрчки јазик, изработуваат учебници и наставни програми и учествуваат во развојот на дидактички материјали.

Во соопштението се наведува дека ја поздравуваат иницијативата за осовременување на гимназиското образование, но изразуваат загриженост поради сведувањето на класичните јазици на изборен предмет, и тоа само латинскиот јазик, кој би се изучувал една година во трета година од гимназиското образование, додека старогрчкиот е целосно изоставен.

„Збунувачки и несоодветно го сметаме деградирањето и недоволната застапеност на класичните јазици“, наведуваат од Институтот, додавајќи дека гимназиското образование по дефиниција треба да биде подготовка за високо образование.

Во соопштението се повикуваат на повеќе студии и истражувања спроведени во Обединетото Кралство, Швајцарија, Германија и други земји, кои покажуваат дека изучувањето на латинскиот и старогрчкиот јазик, како и на античката книжевност и цивилизација, претставува значајна подготовка за универзитетски студии, ја подобрува писменоста и јазичните компетенции, го олеснува изучувањето на современи странски јазици и ја зајакнува свеста за европската културна и цивилизациска основа.

Институтот посочува дека познавањето на латинизмите и грцизмите, кои се дел од македонскиот јазик и научната терминологија, ја зголемува способноста на учениците да читаат стручна литература и да се изразуваат попрецизно. Според нив, учениците што учат латински јазик полесно ги совладуваат и другите наставни предмети и постигнуваат подобри резултати.

Во соопштението се нагласува и дека класичните јазици имаат особена важност за учениците кои планираат да продолжат студии по медицина, фармација, стоматологија, биологија, биохемија, право, археологија, историја, филозофија, класични студии, француски, италијански или англиски јазик и книжевност, како и по други сродни дисциплини.

Дополнително, се посочува дека изучувањето на латинскиот и старогрчкиот јазик придонесува за развој на критичко мислење, аналитички пристап кон проблемите, морални и етички вредности, како и за зајакнување на културниот и националниот идентитет. Според Институтот, овие дисциплини придонесуваат и за развој на комуникациски вештини, културна свесност и приспособливост во современите глобални општествени процеси.

Во соопштението се нагласува и значењето на класичните јазици за разбирање на културното наследство, особено имајќи предвид дека Македонија располага со значајно наследство од хеленистичкиот период, при што бројни епиграфски споменици се напишани на латински јазик.

Институтот оценува дека предложениот статус на предметот „Латински јазик и класична култура“ како изборен во трета година, со само една година изучување, е несоодветен на неговиот потенцијал и на целите на гимназиското образование.

„Сметаме дека е неопходно овој предмет да биде задолжителен во една година за сите ученици“, наведуваат од Институтот, додавајќи дека на тој начин учениците од македонските гимназии ќе бидат поблиску до своите врсници од европските земји и подобро подготвени за универзитетските студии.

Институтот за класични студии очекува нивните забелешки да бидат земени предвид во понатамошната постапка за усвојување на Концепцијата и најавува продолжување на учеството во јавната расправа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни