Ќе испрати ли Доналд Трамп навистина американски војници во копнен напад врз Иран?

Распоредувањето дополнителни сили би можело да му овозможи на Трамп повеќе опции додека размислува за проширување на операциите

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, разгледува распоредување илјадници американски војници за да ја засили својата операција на Блискиот Исток, додека американската војска се подготвува за можните следни чекори во кампањата против Иран, изјавија американски функционер и три лица запознаени со прашањето.

Распоредувањето дополнителни сили би можело да му овозможи на Трамп повеќе опции додека размислува за проширување на операциите. Тие вклучуваат обезбедување безбеден премин за танкерите со нафта низ Ормуски теснец, мисија што главно би се реализирала со воздушни и поморски сили, велат изворите. Но, обезбедувањето на теснецот може да значи и распоредување американски трупи на иранскиот брег, наведуваат изворите на Reuters.

Прашањето за островот

Администрацијата на Трамп, исто така, разговарала за можноста за испраќање копнени сили на иранскиот остров Харг, центар преку кој минуваат 90 отсто од иранскиот извоз на нафта. Еден од функционерите рекол дека таква операција би била многу ризична, бидејќи островот е во домет на ирански ракети и дронови.

САД извршија напади врз воени цели на островот на 13 март, а Трамп се закани дека ќе ја нападне и клучната нафтена инфраструктура. Сепак, поради неговата витална улога во економијата на Иран, контролата врз островот би можела да се смета за подобра опција од негово уништување, велат воени експерти.

Секоја употреба на американски копнени трупи, дури и за ограничена мисија, носи значителни политички ризици за Трамп, со оглед на слабата поддршка на американската јавност за кампањата против Иран и неговите предизборни ветувања дека ќе избегне нови конфликти на Блискиот Исток.

Американските функционери разгледувале и можност за користење сили за преземање контрола врз иранските резерви на високо збогатен ураниум, изјави еден извор.

Изворите на Reuters велат дека не веруваат дека распоредување копнени сили во Иран е неизбежно, но одбиле да коментираат детали од оперативното планирање. Експертите предупредуваат дека таква мисија би била исклучително сложена и ризична, дури и за специјалните сили.

Сè уште нема одлука

Функционер од Белата куќа, кој зборувал анонимно, изјавил дека „во моментов не е донесена одлука за испраќање копнени трупи, но претседателот Трамп мудро ги задржува сите опции отворени“.

„Претседателот е фокусиран на постигнување на сите цели на операцијата ‘Епски бес’ – уништување на иранските балистички капацитети, нивната морнарица, спречување на нивните сојузници да ја дестабилизираат регијата и гарантирање дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје“, рече тој.

Пентагон одби да ги коментира наводите.

Трамп истакна дека неговите цели одат подалеку од намалување на воените способности на Иран и може да вклучуваат обезбедување на премин низ Ормускиот теснец и спречување на развој на нуклеарно оружје.

Копнените сили би можеле да помогнат во проширување на тие опции, но носат значителен ризик. И без директни борби во Иран, досега во конфликтот загинале 13 американски војници, а околу 200 се ранети, иако повеќето повреди биле полесни.

Проблемот со носачот на авиони

Со години Трамп ги критикуваше своите претходници за вмешување во странски конфликти и ветуваше дека САД ќе ги држи подалеку од војни. Сепак, неодамна не ја исклучи можноста за „присуство на војници на терен“ во Иран.

Висок функционер на Белата куќа изјави дека постојат различни начини да се дојде до иранскиот нуклеарен материјал, но дека одлука сè уште нема.

Во писмено сведочење пред Конгресот, директорката на Националната разузнавачка служба Tulsi Gabbard изјави дека иранската програма за збогатување ураниум е уништена во претходни напади и дека влезовите во подземните објекти се затрупани и запечатени.

Изворите наведуваат дека разговорите за засилувања одат подалеку од пристигнувањето на амфибиска група со повеќе од 2000 маринци во регионот. Но, американската војска губи дел од капацитетите поради испраќањето на носачот на авиони USS Gerald R. Ford во Грција на одржување по пожар на бродот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни