Телото на животното, со прекар Хвалдимир, беше пронајдено како плови покрај градот Рисавика и било пренесено на испитувања. Овој кит прв пат беше забележан во норвешките води пред пет години со ГоПро камера прицврстена на него, на која пишуваше „Опрема од Санкт Петербург“.
Тоа поттикна шпекулации дека китот можеби се користи за шпиунирање, нешто што експеертите велат дека се случувала и претходно. Москва не одговори на ваквите обвинувања.
Телото на Хвалдимир биле пронајдено изминатиот викенд од Марин Мајнд, организација која го следела изминатите неколку години. Основачот на оваа организација, Себастијан Странд изјави дека причината за смртта на китот е непозната и дека немало видливи повреди на неговото тело.
„Успеавме да го земеме телото и да го ставиме во изладена просторија, како подготовка за некропсија од ветеринарен институт“ изјави тој.
Се проценува дека китот бил стар околу 15 години, што го прави млад за белуга кит, кои доживуваат и до 60 години.
Тој прв пат беше забележан од норвешки бродови во април 2019 година покрај островот Ингоја, околу 415 километри од Мурманск, каде што е сместена северната флота на Русија.
Неговото забележување во овие води предизвика внимание, бидејќи белуга китовите ретко се гледаат толку јужно од високот Арктик.
Поради тоа, норвешката агенција за разузнавање спроведе истрага и соопшти дека китот веројатно бил трениран од руската армија, бидејќи бил навикнат на луѓе.
Китот стана познат како Хвалдимир, игра со зборови од норвешкиот збор за кит – „хвал“ и името на рускиот претседател Владимир Путин.
Русија има историја на тренирање на морски животни, како делфини, за воени цели.
Руските служби никогаш официјално не одговорија на обвинувањата дека Хвалдимир бил трениран од руската војска. Претходно тие негираа дека постојат било какви програми за тренирање на морски животни да шпионираат