По дрон-нападите, Кипар добива европски штит

Франција испраќа фрегата и противракетни системи, Грција веќе распореди Ф-16 на островот
Foto: Matt Kennard/DCUK

Кипар ја зајакнува својата одбрана откако Франција најави испраќање фрегата, противракетни и анти-дрон системи, додека Грција веќе распореди четири борбени авиони Ф-16 и две фрегати кон островот.

Според кипарската новинска агенција ЦНА, одлуката на Париз следува по телефонските разговори меѓу кипарскиот претседател Никос Христодулидис и францускиот претседател Емануел Макрон, во контекст на зголемените безбедносни ризици во регионот.

Засилена воена координација

Грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас соопшти дека четири авиони Ф-16 на грчкото воено воздухопловство веќе слетале на Кипар како дел од „превентивните мерки“ и засилената соработка меѓу двете држави.

Две грчки фрегати се на пат кон островот, додека се очекува дополнителна координација меѓу европските партнери. Кипар побарал поддршка и од Германија, а официјална одлука од Берлин се очекува во наредниот период.

Лажна тревога кај британските бази

Рано утрово, кипарските медиуми јавија за лажна тревога во областа Акротири, каде се наоѓаат британските воени бази. Првично била испратена порака за опасност и евакуација, но по неколку минути било соопштено дека станува збор за техничка грешка.

Зголемената воена активност доаѓа во услови на пошироки регионални тензии и зголемени безбедносни ризици во источниот Медитеран.

Очекувањата се дека во наредните денови ќе има дополнителни одлуки за зајакнување на одбранбената координација, додека Кипар останува под засилена безбедносна будност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни