Кина воведе санкции против Јапoнски пратеник поради врските со Тајван

Пекинг му забрани влез во Кина и му замрзна имот на јапонскиот пратеник Кеиџи Фуруја, обвинувајќи го за соработка со сили што се залагаат за независност на Тајван.

Кина воведе санкции против јапонски пратеник и близок соработник на јапонската премиерка Санае Такаичи, поради неговата „соработка со силите за независност на Тајван“, што е најнов потег во дипломатскиот спор околу Тајван.

Пекинг ќе му забрани влез во Кина и веднаш ќе го замрзне неговиот имот и другите средства во земјата, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Кеиџи Фуруја, како претседател на меѓупартиска јапонско-тајванска пратеничка група, многупати го посетил Тајван придружувајќи јапонски политички лидери, а последен пат тоа го направил порано овој месец, кога во Тајпеј се сретнал со претседателот Лаи Чинг-те.

Кинеското министерство го обвини Фуруја дека соработува со „сепаратистичките сили“ во Тајван, бидејќи патувал на островот „и покрај силното противење на Кина“.

Кина, која демократски управуваниот Тајван го смета за дел од својата територија, се противи на официјални посети на странски политичари на островот, затоа што ги смета за поткопување на принципот „Една Кина“ и на кинеското тврдење за суверенитет над островот.

Владата на Тајван ги отфрла тврдењата на Пекинг за суверенитет.

Министерството соопшти дека постапките на Фуруја „претставуваат грубо мешање во внатрешните работи на Кина и сериозно ги поткопуваат кинескиот суверенитет и територијален интегритет“.

Како одговор, Фуруја, разговарајќи со новинарите во јапонскиот парламент, изјавил дека посетите на Тајван се природна функција на парламентарната група што ја предводи, додавајќи дека со децении не ја посетил континентална Кина и дека таму нема никакви средства, според Кјодо.

Фуруја е и близок соработник на јапонската премиерка Санае Такаичи, а ја поддржал и нејзината кандидатура за лидер на владејачката Либерално-демократска партија минатата година.

Односите меѓу Токио и Пекинг се влошија откако Такаичи минатиот ноември сугерираше дека евентуален кинески напад врз Тајван би можел да предизвика јапонски воен одговор.

Порано минатата година, Пекинг воведе санкции и против јапонскиот пратеник Секи Хеи, роден во Кина, поради неговите изјави за прашања меѓу кои и Тајван.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни