Кина гради мега-амбасада во Европа: планирани 208 тајни простории под објектот

Кина планира изградба на најголемата дипломатска мисија во Европа, во центарот на Лондон, а необјавени подземни планови откриваат мрежа од 208 тајни простории, од кои една се наоѓа веднаш до клучни комуникациски кабли на Обединетото Кралство.

Кина планира изградба на т.н. „супер-амбасада“ во Лондон, на локацијата на поранешната Кралска ковница, објект кој би се простирал на околу 22.000 квадратни метри и би претставувал најголемата кинеска дипломатска мисија во Европа. Според информации објавени од The Telegraph, детални и нередигирани планови за подземниот комплекс откриваат постоење на 208 тајни простории, кои Пекинг настојувал да ги држи подалеку од јавноста.

И покрај сериозните безбедносни загрижености, се очекува британскиот премиер Кир Стармер да ја одобри изградбата на амбасадата пред неговата најавена посета на Кина подоцна овој месец, каде што треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Тајна просторија до клучни комуникациски кабли

Плановите, кои во јавните верзии биле целосно редигирани, покажуваат дека една од подземните простории ќе биде лоцирана директно до оптичките кабли кои пренесуваат финансиски податоци, електронска пошта и приватни пораки на милиони корисници.

Во просторијата се предвидени системи за одвод и ладење на топол воздух, што упатува на можна инсталација на опрема што создава висока температура – како напредни компјутерски системи. Плановите откриваат и намера подрумскиот ѕид да се сруши и повторно да се изгради, со што кинеските градежни работи би се приближиле на нешто повеќе од еден метар до телекомуникациската инфраструктура под тротоарот.

Страв од шпионажа

Овие откритија повторно ги засилија стравувањата дека Пекинг би можел да се обиде да пресретнува чувствителни информации, вклучувајќи државни и финансиски податоци.

Поранешниот главен советник на британскиот премиер Борис Џонсон, Доминик Камингс, претходно изјави дека бил предупреден од разузнавачките служби MI5 и MI6 дека Кина „се обидува да изгради шпионски центар под амбасадата“.

Клучна подземна комора

Од вкупно 208 идентификувани простории, најчувствителната се наоѓа под зградата Seamen’s Registry, во северозападниот агол на комплексот. Станува збор за триаголна подземна комора, широка до 40 метри и длабока меѓу два и три метри, чиј надворешен ѕид се граничи со улицата Mansell.

Токму покрај таа локација минуваат оптички кабли во сопственост на BT Openreach, Colt Technologies и американската компанија Verizon Business. Тие претставуваат дел од London Internet Exchange, една од најголемите интернет-разменски точки во светот, преку која минуваат огромни количини податоци – од финансиски трансакции до приватна комуникација. Надвор од Лондон, каблите се поврзуваат со трансатлантски линии кон САД.

Што велат плановите, а што останува непотврдено

Дополнителните нацрти укажуваат на потреба од најмалку два системи за ладење, што отвора прашања за можни шпионски капацитети. Сепак, се наведува и дека ваквите системи би можеле да служат и за побени цели – како дата-центар за вработените, фитнес-простор или кафетерии.

Плановите исто така предвидуваат станбени единици во рамки на комплексот, од луксузно сместување за високи дипломати до помали студио-апартмани. Според досега достапните информации, не постојат докази за простории за притвор, иако дел од критичарите изразуваа такви стравувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни