Украина е подготвена на значајни отстапки во мировниот процес, вклучително и по прашањето за членството во НАТО, но успехот на евентуалниот договор зависи пред сè од тоа дали Соединетите Американски Држави ќе бидат подготвени да извршат реален притисок врз Русија, пишува Kyiv Post, повикувајќи се на извори запознаени со неодамнешните преговори меѓу американската и украинската делегација во Берлин.
По петчасовни разговори зад затворени врати, меѓу пратеници блиски до американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, почнуваат да се наѕираат можни контури на завршување на најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Иако двете страни сигнализирале подготвеност за компромис, ниедна од нив не презела конечни обврски, бидејќи клучните прашања сè уште остануваат отворени.
Според американското соопштение, разговорите во Берлин меѓу специјалниот пратеник Стив Виткоф, зетот на Трамп Џаред Кушнер и претседателот Зеленски биле фокусирани на мировен план во 20 точки, економски реформи и поствоена обнова на Украина. Виткоф по средбата изјави дека е постигнат „значаен напредок“ и најави продолжување на разговорите.
Западни функционери оценуваат дека обемот и длабочината на преговорите укажуваат оти, речиси четири години по почетокот на целосната руска инвазија, конечно се отворил реален дипломатски простор. Еден од нив за Kyiv Post изјавил дека станува збор за „најдетален разговор досега за редоследот на чекорите – прекин на огнот, безбедносни гаранции и економска стабилизација, сè во иста просторија“.
Од украинска перспектива, разговорите биле исклучително тешки. Зеленски претходно предупреди дека територијалните прашања, особено во делови од Донецк кои сè уште се под украинска контрола, се „исклучително чувствителни“. Тој истакна дека секоја идеја за тампон-зона или економска зона мора да вклучува реципрочни повлекувања на двете страни, а не еднострани отстапки.
За Киев, безбедносните гаранции остануваат предуслов за каков било конечен договор. Додека Украина бара јасни и правно обврзувачки гаранции, американската страна предложила фазен пристап, што Киев го прифаќа со голема доза претпазливост.
Најзначајниот сигнал од Берлин е подготвеноста на Зеленски да се откаже од непосредното инсистирање на членство во НАТО, иако тоа е наведено како стратешка цел во украинскиот Устав. Украинските власти нагласуваат дека не станува збор за формално откажување, туку за тоа НАТО да не биде директното безбедносно сидро во рамки на овој мировен план.
Наместо тоа, Украина бара билатерални, правно обврзувачки безбедносни гаранции од САД, со дополнителни обврски од европските сојузници, Канада и Јапонија. „Тоа е веќе компромис од наша страна“, изјави Зеленски, додавајќи дека Киев се обидува да воспостави заштита „слична на членот 5, но без самиот член 5“.
Во меѓувреме, европските сојузници – вклучително Германија, Франција и Обединетото Кралство – внимателно ги прилагодуваат предлозите на американската администрација, кои вклучуваат територијални отстапки, ограничувања на украинските вооружени сили и откажување од НАТО-амбициите. Паралелно, Вашингтон работи на финансиска стабилизација на Украина, вклучително и можноста за користење замрзнати руски средства.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус оцени дека американското вклучување е „позитивен сигнал“, но предупреди дека без реална американска сила, безбедносните гаранции можат да останат празни, потсетувајќи на искуството од 1994 година, кога Украина се откажа од нуклеарното оружје во замена за гаранции што подоцна се покажаа недоволни.
Во Берлин, Италија се појавува како тивок, но важен актер, со иницијативи за безбедносна клаузула инспирирана од НАТО, иако прашањата за нејзината примена и политичка поддршка остануваат отворени.
За поддржувачите на Украина, овие разговори носат и надеж и ризик. Како што оцени еден западен дипломат: „Никој не мисли дека ова е крај. Но, за првпат по долго време, луѓето расправаат како да заврши војната, а не дали воопшто треба да заврши.“
