Најмалку 88.000 семејства во украинската престолнина привремено останале без електрична енергија по масовен руски напад извршен во текот на ноќта, соопштија украинските власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека најкритична е состојбата во населбата Тројешчина, каде околу 600 куќи се соочуваат со целосен прекин на греењето, водоснабдувањето и струјата.
„Комуналните претпријатија и енергетските служби работат на обновување на снабдувањето по масовниот ноќен напад врз критичната инфраструктура. Дополнително се распоредуваат и пунктови за греење, покрај веќе постоечките 145 во Десњанскиот реон“, напиша Кличко на Телеграм.
Тој појасни дека привремените пунктови за греење главно се поставуваат во училишта, а на терен веќе се испратени мобилни котларници за итно поврзување. Државната служба за вонредни состојби најави и дополнително поставување шатори за греење.
Повеќе повредени и во Харков
Во меѓувреме, бројот на повредени лица во руските напади врз Харков се искачи на 27, соопшти шефот на регионалната воена управа. Претходно беше објавено дека меѓу повредените има и бремена жена и дете.
Според локалните власти, во нападите биле погодени станбени згради, приватни куќи, студентски дом во кој биле сместени раселени лица, како и болница и породилиште. Во претходните напади врз Харков, на 18 јануари, една жена го загуби животот, а критичната инфраструктура претрпе сериозни оштетувања.
Жртви и во Киев
Кличко соопшти и дека во најновиот напад врз Киев, извршен со дронови и ракети, загинала една лице, а четири се повредени. Оштетени се повеќе станбени објекти, а жителите пријавиле серија експлозии во текот на раните утрински часови.
