Ова не беше обичен културен настан. Тоа беше перформанс во живо, со дистописко сценарио каде корпорациите владеат, приватноста е избришана, а единствена надеж е отпорот. Гостите влегоа во алтернативна реалност каде што не беа публика, туку активни учесници – регрутирани бунтовници, кои преку scavenger hunt движење поминуваа низ шест тематски хабови, секој посветен на посебна форма на современ отпор.
Био-хаб: каде животот започнува од почва, лист и ларва
Во еден од најимпресивните сегменти – Био Хабот, посетителите имаа можност да научат за растенија што го прочистуваат воздухот, инсекти како иднина на исхраната и одржливи извори на живот. Беше тоа тиха еколошка револуција, обвиткана во концептот на опстанок.

Музика од подземјето: гнев, звук и визија
Музичкиот дел започна во 21:00 со LV$T, продолжи со Null, и кулминираше со Zerosum – киберпанк DJ и продуцент од Мајами, чии сетови инспирирани од аниме и мрачни футуристички светови ја разнишаа базата. Младиот треп артист Лука Стојчевски ја внесе својата лична борба и гнев во стихови, претворајќи ја музиката во отпор.

„Ако сакаш да ги едуцираш младите – поврзи ги со забава. Ако сакаш да ги охрабриш да бидат револуционери – дај им простор и ветер во грб,“ изјави Биљана Кочоска,основачот на japan.net.mk за Трн. И навистина, таа вечер во базата на отпорот не беше само сценографија – беше жива лекција за солидарност, отпор и иднината што можеме сами да ја градиме.
