Актерката Catherine O’Hara постхумно беше наградена на доделувањето на Screen Actors Guild Awards, еден месец по нејзината смрт. Признанието го доби за извонредната улога во хумористичната серија „The Studio“, а наградата во нејзино име ја прими колегата и автор на серијата Seth Rogen, кој одржа трогателен говор што ја расплака публиката.
Роген истакна дека О’Хара длабоко ги почитувала своите колеги и дека би била особено горда што токму тие ѝ ја доделиле наградата. Тој се присети на нивната заедничка работа, нагласувајќи ја нејзината дарежливост, топлина и неверојатен талент. Раскажа дека речиси секоја вечер пред снимање испраќала нови верзии од сцените, со кои не само што го подобрувала својот лик, туку ја издигнувала целата серија на повисоко ниво.
Во својот говор, Роген подвлече дека О’Хара покажала како е можно истовремено да се биде генијален уметник и добар човек. Како пример за нејзиниот неповторлив талент ги спомена сцените од филмовите Beetlejuice и Best in Show, кои и денес сведочат за нејзината комичарска брилијантност.
О’Хара почина на 30 јануари на 71-годишна возраст, по кратко боледување. Според официјалните информации, причината за смртта била белодробна емболија, како последица на рак на ректумот. Во текот на кариерата повеќепати беше номинирана за SAG наградите, а во 2021 година, заедно со екипата на серијата Schitt’s Creek, ја освои наградата за најдобра актерска екипа.