„Кенди“ во понеделник на репертоар во Драмски театар Скопје

„Кенди“ е дуодрама во која зборуваме за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Во понеделник на 30 септември, со почеток од 20 часот, претставата „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска на независниот театар „Златен Елец“ ќе се изведе во Драмски театар Скопје, прв пат после двете фестивалски учества кои и донесоа награди на претставата.

Во месец август дуодрамата доби награда за најдобра претстава на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Р. Србија и неодамна во Струмица на фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ претставата ја освои единствената награда на фестивалот што се доделува, Ристо Шишков за Лео Поповиќ како најдобро актерско остварување.

Инаку „Кенди“ минатата година освои други две награди: „Бранко Ѓорчев“ за најдобра партнерска игра на фестивалот на дуодрама во Неготино за Бобан Алексоски и Лео Поповиќ и „Биш“ на фестивалот Млад отворен театар за најдобра домашна независна продукција во целост.

„Кенди“ е дуодрама во која зборуваме за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите.

Приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги – вели режисерката Тамара.


Главните улоги ги толкуваат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, а музиката е на Лука Тошев. После изведбата во Драмски театар, „Кенди“ во месец октомври ќе учестува на фестивалот „Ѕирни“ организиран од КОТУР Кафе и филм во Скопје и ќе гостува во Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни