Здружението на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) предлага значително зголемување на глобите за сите што несоодветно исфрлаат отпад и создаваат диви депонии. Според предлогот, казните, од сегашните 50-200 евра ќе се зголемат на 4.000-6.000 евра.
Исто така, се предлага општините да имаат право да запленат возило ако го затекнат сопственикот како исфрла отпад на несоодветно место. Овие мерки сè уште се разгледуваат и се очекува да бидат преточени во закон, изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на Генералното собрание на ЗЕЛС.
Од „Комунална хигиена“ информираат дека во текот на вчерашниот ден се расчистени диви депонии на неколку локации:
- Општина Ѓорче Петров: Подигнати 20 кубни метри отпад од улиците „Васил Чакаларов“ и „Воин Драшковиќ“.
- Општина Чаир: Отстранети 7 кубни метри отпад од улицата „Џон Кенеди“, во близина на ООУ „Васил Главинов“.
- Општина Бутел: Исчистени 15 кубни метри градежен и мешан комунален отпад од булеварот „Босна и Херцеговина“.
Од ЗЕЛС уверуваат дека новите мерки би можеле да придонесат за поголема одговорност кај граѓаните и поефикасно справување со проблемот.