Катерина Евго за Таксират, ПИН и контракултурата како форма на грижа

Катерина Евго е личност која стои зад некои од најзначајните музички и културни приказни во Македонија. Дипломиран професор по филозофија, со повеќе од петнаесет години искуство во комуникациски стратегии, ПР и организација на настани, таа го спојува мислењето и емоцијата во секој проект што го води.

Од Пасворд Продукција и фестивалите Таксират, Д Фестивал и ПИН, до соработката со EXIT Festival, работа на Катарина е сведоштво дека контракултурата не е само отпор – туку и форма на грижа, визија и создавање смисла во општество што често ја заборава суштината.

Со неа разговаравме за духот на Таксират, за контракултурата денес, за младата сцена и за тоа што значи да се создава култура што мисли и предизвикува.

Трн: Кој е концептот на годинашниот Таксират? Дали сè уште го чувате оној контракултурен дух и револт кон масовната култура, или има нови акценти?

Катерина: Таксират отсекогаш бил повеќе од фестивал — тој е став и огледало на времето и неговите противречности, начин на размислување и начин на постоење во културен систем кој често заборава на суштината. Контракултурниот дух е нешто што го живееш, но и нешто што постојано се преиспитува и рефлектира низ нови форми, уметници и општествени контексти. Да, пркосот останува наш суштински дел, но денес тој не се изразува само преку гласен отпор, туку и преку смелоста да се создава култура што мисли и предизвикува.

Таксират останува наш начин да потсетиме дека уметноста и музиката се алатки за будење, не само за забава. Вредности што одат подлабоко од тренд, простор за смисла, искреност и културна храброст. Тоа е нашиот контракултурен чин секоја година. Згора на тоа, контракултурата не е само отпор, туку може да биде и форма на грижа.

Повеќедецениското спротивставување на масовната култура прерасна во истрајност за одржување на алтернативен простор каде музиката, идеите и заедништвото создаваат нови вредности. Во тој контекст, кај нас бунтот понекогаш се сведува на најосновното – професионалност. И тие се навидум малите карактеристики на секој настан на Таксират кои се свесен акт против површноста и шаблонот.

Во средина каде хаосот и недоволната организација се стандард, секогаш да почнеш навреме, да нема ВИП затоа што сите сме исти, да ги здружиш сите во стилската еклектика, да ги задоволиш светските стандарди на продукција дури и кога нема кој да ги препознае и да го почитуваш секој детал – дури и тоа станува нашиот тивок, но постојан отпор – да не се компромитира квалитетот, искреноста и почитта кон уметноста и публиката.

Трн: Таксират секогаш успева да остане уникатен и надвор од поп мејнстримот. Дали тоа е инает или доследност кон сопствената идеологија?

Катерина: Можеби малку од двете. Инает, но и доследност до своите вредности е кога знаеш дека можеш да одиш по полесниот пат, а сепак свесно го избираш потешкиот. Таксират отсекогаш бил верен на својата идеја — да не следи трендови, туку да ги предвиди, не да се вклопува, туку да создава сопствен музички свет. Уникатноста тука не е стратегија, туку природна последица на тоа да останеш искрен кон себе. И можеби токму тоа е нашиот најголем инает – што не се предаваме. Мислам дека Таксират никогаш немал за цел да им се допаѓа на сите, туку да им значи на оние што разбираат. И веројатно баш затоа опстојува толку долго – затоа што остана свој, без оглед на трендовите.

Трн: Освен силниот меѓународен аспект, силно стоите и зад домашната и балканската сцена. Ви е поважно да го донесете светот во Македонија или Македонија да ја изнесете надвор?

Катерина: Јас лично не гледам поделба меѓу „носење“ и „изнесување“. За мене тоа се две страни на истата идеја — поврзување. Таксират отсекогаш бил мост меѓукултурите, меѓу тоа што се случува тука и она што пулсира таму некаде низ светот. Особено кога се уметноста и културата во прашање, би сакала Македонија да не биде само публика на светот, туку и раскажувач. Така го гледам и Таксират – како место каде овие две насоки се пресретнуваат. Но во таа средба, сепак најголемиот предизвик е реалноста дома. Екипата на Пасворд помогна да се изградат неколку светски кариери на македонски и регионални музички уметници, но денеска сѐ уште секое поврзување со светската сцена нè потсетува и на сѐ што кај нас не функционира како што треба – така и си рековме дека е важно тоа знаење, искуство и начин на работа да се пренесат дома. Токму од таа потреба се роди идејата за ПИН.ПИН не е настан што го правиме за светот – ПИН е создаден за домашната сцена. Тоа е наш начин да го донесеме светот пред македонските уметници, да им понудиме контакти, примери, искуства, перспективи. Но со ПИН се појави еден интересен феномен.

Имено, декада подоцна, ПИН стана препознатлив на европската музичка мапа со бројни меѓународни признанија и награди – денес нема релевантен лик во европската музичка индустријата кој не бил или не чул за ПИН. Истовремено пак, дома, сè уште постојат медиуми, музичари и институции што не знаат што претставува ПИН. И тоа е момент вреден за анализа, бидејќи совршено го отсликува односот кон културата и состојбата во која културата и уметноста кај нас преживуваат – постојано во борба за здив. Тука светлата страна според мене е свежината што доаѓа со една нова, млада алтернативна сцена, полна со искреност и енергија.

Посакувам само да биде доволно отпорна за да истрае – да не се изгуби во компромиси или да не замине од тука. И се надевам сите заедно ќе успееме да создадеме услови што ќе ѝ овозможат на таа сцена и на тој младешки елан-витал да расте и да биде нашиот раскажувач на светската сцена.

Angel Angelovski photo

Трн: PIN е првата и единствена меѓународна музичка конференција во земјава. Колку е значајна таа размена на знаења и контакти – за вас, но и за македонската сцена?

Катерина: ПИН е место каде сцената се гледа во сопственото огледало – и локално и глобално. Последниот викенд во ноември е кога Скопје е збирно место на музичките професионалци од целиот свет и кога на ПИН се случува вистинската размена: идеи, искуства, контакти. За нас, тоа е годишен потсетник дека музичката сцена не живее во изолација, но и начин да покажеме дека културата не е само прашање на вкус, туку на визија и професионален развој.

Размената на знаења е важна и за нас како организатори, и за сите што се дел од оваа приказна. ПИН им дава на македонските уметници и професионалци простор да ѕирнат како функционира сцената во другите земји од светот, да се запознаат, да се инспирираат но и да инспирираат други да погледнат кон нас. Лично, верувам дека токму преку вакви настани една сцена станува зрела — не кога само создава, туку кога осознава и споделува. И кога се прашуваме каде се талентите, мора да зборуваме и за инфраструктурата, услови, образование и системска поддршка.

Токму затоа ПИН е важен – затоа што создава средина каде знаењето циркулира, каде младите луѓе можат да научат како треба да функционира креативната индустрија, а музичките професионалци да најдат сојузници, соработници или нови идеи. Лично, верувам дека без такви точки на поврзување, една сцена останува фрагментирана – исполнета со ентузијазам, но без насока за раст. ПИН е начин да го промениме токму тоа, чекор во конкретна акција и место каде македонската сцена конечно зборува со светот, но и сама со себе.

Трн: Што е потребно за да се одржи и развива фестивал повеќе од две децении? Што е тоа што ја движи вашата енергија и ја држи жива оваа приказна?

Катерина: Да одржиш алтернативен фестивал повеќе од две децении во ова време значи да одиш против секоја логика на потрошувачката култура. Огромна истрајност и една упорна љубов кон идејата – онаа што не зависи од буџети, спонзори или трендови, туку од чувството дека тоа што го правиш има смисла.

Мислам дека Таксират се одржа жив и затоа што никогаш не бил само работа, туку мисија за луѓето кои биле и се дел од неговото креирање. Чувството дека низ сите тие години Таксират создаде заедница – луѓе што растеле со фестивалот, што во него препознале дел од сопствениот идентитет. Она што ја држи оваа приказна жива е лудата верба дека културата може да биде чин на промена – и дека вреди да се бориш за тоа, секоја година одново.

Трн: Д Фестивал стана номадски или конечно најдовте нов дом? Кои се плановите за следното издание?

Катерина: Д Фестивал отсекогаш бил жив организам – постојано расте и менува облик, но не и дух. Ова е настан кој мене посебно ми значи бидејќи бев дел од креирањето на оваа приказна уште од првото издание во 2011 и имав прилика да видам како една инспиративна фестивалска зедница влијае и го брендира местото во кое се случува и колку суштински тие взаемно се развиваат. Затоа и патешествието на нов простор не е едноставно, тоа е и предизвик и лекција: докажавме дека фестивалот не е врзан за локација, туку за заедницата што го носи.

Д Фестивал 2025

Плановите за следното издание се токму во таа насока – да ја зачуваме таа автентична магија, слободниот, природен и инспиративен Д дух, но и да отвориме нови хоризонти и конечно да го прикажеме фестивалот преку реализација на целосната замисла која ја имавме за овој настан во Штип, со сите карактеристични зони и содржини на Д Фестивал. Или сосема ПР-овски кажано: Д Фестивал не бара совршено место – тој го создава.

Трн: Што најмногу те инспирира во оваа работа – и има ли моменти кога едноставно сакаш да избегаш од целиот тој циркус?

Катерина: Искрено – има. И освен што сум меѓу колегите со најдолг ангажман, веројатно сум и меѓу оние со најмногу прекини во работниот стаж. 😊 Кога работиш во култура, секоја сезона е еден мал хаос во кој постојано се движиш меѓу инспирација и исцрпеност. Покрај креативноста во целиот тој процес, голема инспирација во оваа работа за мене се луѓето – публиката кога е во восхит, кога се смее и плаче од радост во ист момент, таа неверојатно позитивна моќ што ја шири колективната среќа, бендовите што првпат излегуваат на голема сцена, тимот што не се откажува и кога е невозможно. Кога се прашувам дали вреди сиот тој ентузијазам, токму овој „циркус“ ми потврдува дека тоа е еден начин да ја чувствувам креативната сцена поинтензивно, да придонесеш за едни од најсреќните доживувања на илјадници луѓе, да го работиш тоа што го сакаш. Сакам да верувам дека тоа е замор што вреди.

Трн: Колку ви е важно создавањето простор за новите, идните македонски ѕвезди – и дали гледате промена кај младите генерации?

Катерина: Тоа е суштинска последица на сè што правиме. ПИН, Таксират и Д Фестивал постојано се обидуваат да создадат простор каде младите не само што ќе настапат, туку и ќе имаат прилика да созреваат – професионално, ментално, уметнички. Најголемиот дел од програмата на нашите настани е исполнет со изведувачи и уметници од домашната сцена и речиси и да нема претставник на квалитетната македонска музика во чија биографија нема да ги најдете запишани настапите на овие настани. И, не се само настаните.

Пасворд е дел од бројни меѓународни проекти преку кои го искористуваме секој простор и прилика за промоција на македонските артисти и музички професионалци во Европа. А промени постојано доаѓаат со секоја нова генерација, сосема природно и всушност тоа еден од најубавите аспекти на оваа работа, тоа што имаш прилика да си ви чекор со духот на младоста во секоја негова автентичност и слобода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни