Истражувачите од Универзитетот Далхаузи во Канада открија ново економично решение за продолжување на животниот век на батеријата.
Тие откриле дека лентата од полиетилен терефталат (PET), која ги држи сите компоненти на батеријата заедно, е подложна на растворање поради хемиски реакции во батеријата. Ова не само што го намалува капацитетот на батеријата со текот на времето, туку и доведува до значително губење на енергија кога не се користи.
Истражувачкиот тим се фокусираше на замена на лентата од полиетилен терефталат (PET) со полипропиленска (PP) лента како материјал за поврзување за склопување на батериските ќелии.
Резултатите беа импресивни – се покажа дека перформансите на таква батерија биле подобри за 10%, додека празнењето кога батеријата не била во употреба е намалено и до 70%.
Иако ова истражување треба уште еднаш да се провери, фактот дека „PP“ лентата чини речиси исто како и досега користената „PET“ лента, може да донесе вистинска мала „револуција“ во областа на електрониката, пренесува веб-страницата „Android Headlines“.
Потенцијалот за значително продолжување на траењето на батеријата и намалување на само-празнењето, заедно со економичноста, може да ги поттикне големите брендови брзо да прифатат „PP“ лента, а со тоа да го продолжи животниот век на новите уреди.
Извор: b92.net