Какви промени настануваат во телото по 16 часа пост?

Фото: Freepik

Постот, односно свесното воздржување од храна или значително намалување на внесот на калории во одреден временски период, станува сè попопуларен меѓу луѓето кои сакаат да го подобрат своето здравје или да ослабат.

Еден од најпознатите облици е диетата 5:2, во која луѓето јадат нормално пет дена во неделата, а два дена го ограничуваат внесот на калории на 500 до 600. Според Медицинскиот центар „Џонс Хопкинс“, постот може да помогне во регулирање на шеќерот во крвта, подобрување на здравјето на срцето и зголемување на физичката издржливост. Сепак, експертите предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат сите овие придобивки.

Првите 48 часа – што се случува во телото?

Доктор Алан Голдхамер, гостин во подкастот на Стивен Бартлет, објаснува дека клучната промена настапува помеѓу 24 и 48 часот од постот, кога телото престанува да ја користи гликозата како главен извор на енергија и почнува да создава кетони преку разградување на мастите.

Мозокот, црниот дроб и мускулите постепено преминуваат од користење гликоза кон кетони, а оваа транзиција зависи од количината на складиран гликоген. По околу 16 часа започнува согорувањето на мастите – фаза која многумина ја препознаваат како почеток на ефективното слабеење.

Постот и здравјето на мозокот

Во текот на постот телото создава супстанца наречена бета-хидроксибутират (BHB), која не само што помага во согорување на мастите, туку и го подобрува здравјето на мозокот. Голдхамер објаснува дека BHB ја стимулира продукцијата на BDNF – неврохемикалија која ги штити нервните клетки од оштетување. Овој фактор игра клучна улога во заштитата од оксидативен стрес и може да помогне во намалување на ризикот од Алцхајмерова и Паркинсонова болест.

Како реагира телото – по часови

  • 0–4 часа: телото го завршува варењето на последниот оброк.
  • 8 часа: нивото на шеќер во крвта се намалува, а телото користи гликоген од црниот дроб и мускулите.
  • 12 часа: резервите на гликоза се трошат, па црниот дроб почнува да разградува масти и да создава кетони.
  • 16 часа: започнува процесот на автофагија – природен механизам со кој телото ги разградува и обновува оштетените клетки, поттикнувајќи регенерација.

Консултација со лекар е задолжителна

Иако постот може да има позитивни ефекти, тој не е соодветен за секого. Лицата со хронични заболувања, трудниците и доилките треба да се консултираат со лекар пред да започнат. Како и кај секоја поголема промена во исхраната, важно е внимателно да се следи реакцијата на организмот и постепено да се воведуваат новите навики.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни