Според анализата, средната зимска температура ќе биде за околу еден степен повисока од повеќегодишниот просек, што укажува на умерено потопла зима во однос на референтниот период 1991–2020.
Климатскиот осврт, изработен од проф. Владо Спиридонов од Институтот за физика и проф. Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, покажува дека најизразени студени епизоди се очекуваат кон крајот на декември и во првата половина на јануари, како и кон крајот на февруари. И покрај тоа, не се забележуваат сигнали за продолжени или екстремни зимски студови.
Во пониските предели, како Скопје и Штип, се прогнозираат средни зимски температури од 1 до 4 степени Целзиусови, додека во планинските подрачја, меѓу кои и Маврово, температурите ќе се движат од нула до минус три степени. Бројот на мразни денови ќе биде умерен во низините, а повисок на планините, додека таканаречените ледени денови ќе бидат релативно ретки во котлините.
Врнежите ќе бидат нерамномерно распределени и по региони и по периоди. Снегот ќе биде најчест во планинските делови, особено во западна и северна Македонија, додека во котлините снежната покривка ќе се појавува повремено и ќе биде нестабилна, со чести премини меѓу дожд и снег. Првата половина од зимата ќе ја обележат наизменични високопритисочни и нископритисочни системи, а во втората половина се очекува нешто помала динамика и постепен пад на воздушниот притисок кон крајот на март.
Во стабилните антициклонални периоди, особено во котлините, ќе се создаваат услови за температурни инверзии, магла и застој на воздухот. Тоа може да доведе до значително влошување на квалитетот на воздухот, со можни епизоди на високо аерозагадување, најмногу во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

Од хидролошки аспект, не се очекуваат драматични сценарија, но постои умерен ризик од локални поплави, особено при поинтензивни врнежи комбинирани со топење на снегот, најверојатно кон крајот на февруари и во март.
Според анализата, ваквите временски услови може да имаат влијание врз енергетскиот сектор поради променливата побарувачка, врз сообраќајот поради снежни наноси, голомразица и одрони, како и врз здравството и земјоделството, особено поради загадувањето на воздухот и ризикот од мраз. Во целина, зимата 2025–2026 се оценува како потопла од просекот, динамична и со краткотрајни, но интензивни зимски појави, при што навременото следење на прогнозите и институционалната координација ќе бидат клучни за намалување на можните последици.
Извор: Независен