Враќање во минатото со археологот Гоце Наумов

Каков алкохол се пиел и што се јадело во Врбјанска Чука во неолитот

Покрај моето прекрасно искуство со Чатал Хујук, сепак Врбјанска Чука и Влахо во Пелагонија ми се најважни поради многу причини. Иако се околу илјада години помлади од Чатал Хујук, тие имаат посебна улога во почетокот и развојот на неолитот на Балканот и особено во Македонија. 

Гоце Наумов е археолог, доктор на науки и работи во Музеј на Македонија. Учествувал на бројни археолошки ископувања на локалитети на Балканот, Источна Европа, Мала Азија и Северна Америка, меѓу кои најстариот бил локалитетот Чатал Хујук кој се наоѓа во Анадолија, а раководи неколку проекти концентрирани на населбите и материјалната култура во Пелагонија.

Деновиве е особено популарен поради значајните откритија што произлегоа од истражувањата во Врбјанска Чука.

Тој е и национален координатор на проектот Првите кралеви на Европа, кој е поставен во Филдовиот музеј во Чикаго и за кој вели дека има многу интерес.

Ако не се занимавал со археологија ќе се занимавше со… прочитајте подолу во интервјуто.

Трн: Кога  за прв пат се заинтересира за археологијата? Што ја поттикна твојата страст за ова поле? 

Гоце: Светот на древноста секогаш ми бил интересен и загадочен, па постојано читав за тоа и одев на места коишто имаат таков карактер. Не знаев дека со тој свет се занимава и археологијата, па како мал го оставав љубопитството да открива. Тогаш бев зависен од секаков вид документарци, па со часови ги гледав на телевизија (таа фасцинација и денес не е намалена:-). Но вистинскиот поттик да се внесам во археологијата беше музиката, колку и чудно да звучи тоа. Во средно училиште веќе свирев со неколку бендови и додека создававме музика имав потреба со неа да илустрирам архаични култури, светогледи и обреди. Така што единствено место каде што можев да ги продлабочам сознанијата за овие теми и да ги внесам во музиката беше Институтот за историја на уметноста и археологија. Не очекував дека толку многу ќе се навлечам на археологија и современа уметност, и особено на предисторијата и нејзината манифестација во одредени уметнички стилови. Тогаш видов дека со археологијата можеш да откриваш и подобро да разбереш не само како изгледал светот на древните луѓе, туку и како тие мислеле. Тоа беше одлична основа да внесам музика во археологијата, но и археологија во музиката и сè уште да го применувам истиот пристап. 

Трн: Кое конкретно искуство или настани те наведе да продолжиш со кариерата како археолог? 

Гоце: Уште од мал ме фасцинираат индијанците и имам голема почит кон нивниот живот, мудрост и истрајност. Восхитот и почитта кон нив ме инспирираа многу да ги проучувам и воедно да учам од нив, така што во еден период во текот на студиите разбрав дека всушност и во нашата предисторија, и тоа особено во неолитот, има култури кои живееле на сличен начин како индијанците. Секако не станува збор за исти популации на два различни континенти, туку за племенски организации кои на сличен начин граделе сооднос со нивното опкружување и тоа го манифестирале преку материјалната култура, архитектурата и обредите. Индијанците се всушност клучниот пресврт кој ме насочи кон неолитот и предисторијата и точно во третата година од студиите решив дека ќе го проучувам овој период. Принцип и искуство кое траат и ден денес.  

Трн: Кое е најстарото наоѓалиште на кое си работел, а кое е најважното? 

Гоце: Неколку години работев на извонредниот локалитет Чатал Хујук кој се наоѓа во Анадолија (Турција). Тоа е едно од најзначајните неолитски наоѓалишта во светот кое даде ново видување на ширинита и богатството на социјални и обредни форми што може да ги содржи една предисториска заедница. Оваа неолитска населба е основана околу 7400 година п.н.е. и во своето време претставувала вистинска метропола. Секако, има и многу постари неолитски локалитети, а особено палеолитски кои се датирани и неколку десетици и стотици илјади години, но сепак Чатал Хујук има особено битна улога во развојот на човештвото. Меѓутоа и покрај моето прекрасно искуство со овој локалитет, сепак Врбјанска Чука и Влахо во Пелагонија ми се најважните поради многу причини. Иако се околу илјада години помлади од Чатал Хујук, тие имаат посебна улога во почетокот и развојот на неолитот на Балканот и особено во Македонија. 

  Трн: Како национален координатор на изложбата „Првите кралеви на Европа“ дали повеќе се плашиш дека нешто ќе се скрши по пат, или дека осветлувањето нема да е добро? Дали има публика во Чикаго за прастарите кралеви од Балканот? 

Гоце: Имајќи ја предвид сериозноста на проектот „Првите кралеви на Европа“ и професионалноста на институциите кои се вклучени во него, воопшто нема простор за вакви стравови. Соработката со Филдовиот музеј од Чикаго е на врвно ниво и сите елементи на безбедност, претставување и афирмација на изложените предмети е гарантирана. За транспортот на предметите е ангажирана компанија која има долгогодишно искуство со вакви светски изложби, а светлото во музејот е неверојатно добро осмислено, така што дава фокус на артефактите, но истовремено создава и сугестивен амбиент. Ваквата оррганизација на изложбата и нејзината екслузивност привлекуваат огромна публика, така што кратко после нејзиното отворање ја имаа видено над 70 000 посетители, а може да замислите уште колку ќе ја видат до нејзиното затворање кон крајот на јануари во 2024 година. Ова е воедно и една од најпопуларните археолошки изложби во рамки на Филдовиот музеј во Чикаго. 

Трн: Дали се големи разликите меѓу населението во Македонија од добата на палеолитот и ова денешното? Некои сметаат дека денес се враќаме кон корените се до каменото време, дали тогаш луѓето имале подобар однос кон блиските и околината? Што ти кажуваат ископувањата? 

  Гоце: Секако дека има големи разлики, ние денес се возиме во автомобили и гледаме телевизија што на ментално ниво прави огромна разлика со палеолитските луѓе кои оделе пеш и гледале во статични слики. Тука треба да се има предвид дека палеолитот е широк временски, антрополошки и културен поим и во него влегуваат неколку категории на хоминини (астралопитекус, хомо еректус, хомо хабилис, хомо сапиенс (во кои влегуваат неандерталците и модерните луѓе). Сите тие се разликуваат физички, но и ментално, особено доколку се земат предвид обредноста и уметноста кои се карактеристични за појавата на хомосапиенсите. Оттука може да замислите колкава е културната разлика со денешните луѓе. Нашата сличност е единствено во домен на љубопитството и трагањето. Како што и ние денес стремиме кон постојано откривање и патување дури до планетите, така и палеолитските луѓе биле во постојано откривање на нови предели и на некој начин, во текот на многу генерации ја пропатувале и се рашириле скоро низ целата земјина топка, колку и тоа да се чини неверојатно. Дали тоа овозможило да имаат добар однос со своите блиски и околината, не би можел да кажам бидејќи моите истражувања се насочени кон неолитот и никогаш не сум работел на палеолитски локалитет, освен на визуелните претстави од тоа време. Тие секако укажуваат на неверојатна поврзаност со околината, особено со животните што ги ловат. И ние денес цртаме животни и пејсажи, но тоа не нè прави исти, бидејќи побудите за вакво визуелно изразување се мошне различни.  

Трн: Која е приказната на Врбјанска Чука? Која е приказната на луѓето од Врбјанска Чука, што облекувале, со што се хранеле, од што се плашеле? 

Гоце: Во основа за Врбјанска Чука нема приказни, туку единствено научни откритија што ни даваат некакви елементарни сознанија за луѓето од неолитот. А кои се нивните приказни ќе треба нив да ги прашате, бидејќи нам како археолози ни оставаат само материјални остатоци, но не и зборови:-) Но секако, овие материјални остатоци (куќи, садови, фигурини, коски итн.) многу говорат за тоа како тие живееле и кои биле нивните евентуални стравови, нешто што секој може натаму да го ползува за создавање приказни за овие мошне интересни, вредни и вешти неолитски луѓе. Знаеме дека се хранеле со она што и нам ни е секојдневно мени, а кое всушност за прв пат било понудено во неолитот, како што се лебот, манџите од грашок и леќа, говедското, свинското и овчото месо, млекото и млечните производи, медот, солта, а најверојатно и пивото. Имајќи ваква трпеза тие сигурно не се плашеле од скромноста на изборот за јадење, меѓутоа веројатно постоел страв дали овие ресурси ќе се обезбедат во текот на целата година со оглед на нивната изложеност на секакви временски услови, пријатни и непријатни. Непријатните всушност и ги мотивирале да се движат низ светот и да откриваат нови простори за живеење. Во таа смисла ги сметам за бестрашни луѓе кои не се плашеле да се соочат со непознатото и населувале места и простори далеку од оние на нивните предци. 

Трн: Дали некогаш си дошол до откритие кое ја сменило приказната за некој локалитет? 

Гоце:  Веројатно тоа би биле откритијата поврзани со Врбјанска Чука и Влахо. Ископувањата на Врбјанска Чука од 1980-те години посочуваа на едноставна краткотрајна населба, меѓутоа со истражувањата на нашиот мултидисциплинарен и меѓународен тим во последните осум години, увидовме дека се работи за комплексно неолитско село со неверојатно богата и разновидна архитектура, извонредно занаетчиство и длабока ритуалност. Така што драго ми е дека овој локалитет пополека го добива своето место во светското културно наследство и предизвикува сè поголемо внимание. Истото се однесува и на Влахо, локалитет за кого дури ни археолозите не знаеа, но со нашето интензивно работење изминативе три години покажавме дека станува збор за една од најстарите неолитски населби во Европа, со уникатна просторна организација и фасцинантни ракотворби уште во најраните почетоци на земјоделството. Од друга страна, судбината со неговото можно уништување ја сменивме во приказна со добар исход, при што успеавме да спасиме поголем дел од локалитетот. Нам сега ни преостанува темелно да го истражуваме овој неолитски локалитет и да го истакнеме значењето што Влахо навистина го има. Веројатно следат уште многу откритија што ќе го сменат или барем надополнат нашето поимање за неолитот и почетоците на земјоделството во Европа. 

Трн: Кога би можел да бираш, каде на планетава би сакал да истражуваш? Зошто? 

Гоце: Дефинитивно тоа би била Пелагонија…бидејќи Пелагонија е една цела планета. 

Трн: Индијана Џонс, или Лара Крофт? Зошто? 

Гоце: Дури и со хируршки интервенции не би можел да бидам згоден и убав како Лара Крофт, ниту пак нешто ми се потребни нејзините познавања на боречките вештини. А и не би сакал баш да ме гонат трагачи по богатства и нацисти како во случајот со Индијана Џонс, иако неговиот шешир на жешкото пелагониско сонце добро би ми дошол:-) Затоа, не би ја менувал улогата на Гоце Сè По Кроце и пополека би ги откривал предисториските мистерии во Македонија. Авантурите и славата би им ги препуштил на Индиајна и Лара, кои не би било изненадувачки еден ден Холивуд да ги спои заедно во некоја нова екранизација на погрешното разбирање и популаризирање на археологијата. 

Трн: Ако не беше археолог, со што ќе се занимаваше? 

Гоце: Ќе се занимавав со она што паралелно го работам со археологијата, музиката. Да не ме повлечеа неолитот и предисторијата во нивните прекрасни длабочини, веројатно целосно ќе ѝ се посветев на музиката и многу повеќе ќе вежбав на барабаните и ќе компонирав музика. Можеби во слободното време меѓу вежбањето, компонирањето и настапите ќе бев поштар и ќе разнесував пошта на оној убав стар начин. Секогаш сум сакал да бидам поштар и да им носам писма и пензии на луѓето. Но ете сега разнесувам нови откритија со научниот тим и музики со моите бендови, само што не се во коверти и не се упатени на конкретни адреси. Меѓутоа ако некогаш снема примачи на овие „писма“, тогаш Македонска пошта може да смета на моето уживање и искуство во чекорењето и носењето тешки торби:-) 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни