Британските Тиктокери изјавија за Guardian дека се загрижени дека ќе изгубат значителен дел од својата публика по забраната. Тие веруваат дека добиваат најмногу приходи од американската публика и дека со нив склучиле најмногу договори за спонзорирана содржина.
„На пазарите што зборуваат англиски, многу креатори имаат значителна американска публика што ги следи“, рече Томас Волтерс, извршен директор на Billion Dollar Boy, британска рекламна агенција. „Забраната би била навистина тажна за креаторите кои изградија публика од ништо на TikTok“, додаде тој.
Лондонскиот Тиктокер Џеј Бич рече дека американските корисници сочинуваат речиси половина од неговата публика, со околу 1,7 милиони луѓе кои го следат. „Ќе биде голема разлика за сите нас, гледајќи ја таа празнина во нашите приходи“, изјави Џеј. Тој објасни дека неговите објави се претежно спонзорирани од американски брендови за линии за нега на кожа и дека од нив добива најмногу приходи.
За потсетување, Врховниот суд на САД го потврди законот што може да доведе до целосна забрана на TikTok во недела, 19-ти јануари, а популарната социјална мрежа сега се потпира на поддршката на Доналд Трамп за да ја задржи платформата легално во САД.
Оваа одлука е донесена поради зголемените тензии меѓу САД и Кина и загриженоста за активностите на кинеското разузнавање и собирањето податоци.
Иако новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата, поддржа забрана за TikTok претходно во неговиот мандат, неговите сегашни ставови се поумерени. Трамп рече дека TikTok игра важна улога во допирањето до помладите гласачи и изрази надеж дека апликацијата ќе остане достапна.