Во ерата на се повеќе присутниот консумеризам и постојаното бомбардирање со реклами кои не поттикнуваат да купуваме, се појави нов тренд кој се спротивставува на оваа култура.
Преку движењето под хаштагот #underconsumptioncore, корисниците на TikTok изминатово лето почнаа да ја слават свесната потрошувачка. Овој тренд, кој често се нарекува “normal core” (нормално јадро)“ или „нормална потрошувачка“, ја промовира идејата дека „помалку е повеќе“ и ги охрабрува луѓето да трошат мудро, што е спротивно на еден од најкритикуваните аспекти на TikTok, кој повикува на материјализам и консумеризам.
Враќање на основите: носени патики и наследен мебел
За разлика од консумеристичките трендови кои поттикнуваат акумулација на непотребни артикли, # underconsumptioncore нагласува и нè потсетува на нормалноста да се поседува минималната потребна количина на артикли. Стари и излитени патики, наследен мебел и козметика кои се користат до последна капка се едни од најчесто видените симболи на ова движење. Наместо да се срамат од старите и видно излитени предмети, што е последица на постојаното рекламирање на нови и луксузни на оваа платформа, луѓето сега ги покажуваат со гордост, нагласувајќи ја нивната издржливост и практичност, како и функционалност. Веќе не е важно дали некој предмет изгледа износен или истрошен, туку неговата вредност се одредува од тоа дали предметот успешно ја извршува својата улога, како што треба да биде.
Реакција на брзата мода и одржливоста
Ова нè доведува до уште еден важен аспект на овој тренд, кој е спротивставување на брзата мода и промовирање на одржливост и повикување на купување, но и производство на квалитетни, долготрајни и функционални артикли. Брзата мода, која подразбира неквалитетни производи со краток век на траење, стана синоним за прекумерна потрошувачка и загадување на животната средина. Учесниците на трендот # underconsumptioncore ја нагласуваат важноста од одржување на артиклите и продолжување на нивниот рок на траење, што придонесува за намалување на отпадот и зачувување на животната средина. Движењето е исто така дел од поширокиот тренд на свесна потрошувачка, каде што луѓето се повеќе избираат квалитет наместо квантитет. Овој тренд го нормализира начинот на живот кој многумина веќе го практикуваат, а на крајот на краиштата не го ни сметаат за посебен начин на живот, туку за нормален.
Здрава потрошувачка: повеќе од тренд?
Поради влијанието на социјалните мрежи и постојаното опкружување со реклами и промоции, заборавивме колку малку ни е навистина потребно, а овој тренд е тука да не потсети дека не треба да купуваме посебен пар чевли за секоја облека, дека не ни треба најновиот мобилен телефон на пазарот или 20 различни кармини. Иако името „недоволна потрошувачка“ може да сугерира недостаток или лишување, всушност се работи за промовирање умерена и здрава потрошувачка. Наместо постојаното чувство на притисок, да купуваме повеќе и да поседуваме производи што носат име и презиме, ова движење нè враќа на основите и нè потсетува дека среќата и задоволството не доаѓаат од количината на работи што ги поседуваме, туку од нивната вредност.
Многу корисници на TikTok споделија со своите следбеници како овој тренд им ги отвори очите. Иако веројатно нема да има долгорочно присуство на TikTok, #underconsumptioncore не е само еден од оние кои поминуваат низ трендовите на социјалните медиуми. Ова е одраз на зголемената свест на младите за потребата од одржлив начин на живот и промислена потрошувачка. Неговата цел беше да ги потсети луѓето на вистинската вредност на артиклите што ги поседуваат и успеа во тоа, па можеме слободно да кажеме дека ова е еден од најздравите и најрационалните трендови на TikTok досега.