Студентското протестно движење во Србија нема лидери, а процесот на донесување одлуки е бавен и тежок – но активистите непоколебливо веруваат во неговиот основен принцип: директна демократија преку пленуми што се одржуваат на факултетите, се вели во опсежната анализа на AFP.
Кога во ноември минатата година се урна покривот на реновираната железничка станица во Нови Сад, усмртувајќи 16 лица, најпрво следеше жалост – а потоа и бес.
Студентите излегоа на улиците за да ја осудат, како што рекоа, длабоко вкоренетата корупција што овозможила ваква трагедија.
Потоа се организираа во национално движење – а неговата основа стана директната демократија.
Пленуми
Имено, пленумите – состаноци зад затворени врати на универзитетите – одлучуваа за секој следен чекор: од 16 минути молк во спомен на жртвите, до протести и повици на штрајк.
На пленумите може да учествува и гласа секој студент.
„Директната демократија ни овозможува да останеме обединети… да го продолжиме ова движење за поправеден систем“, изјави за AFP Маја, 23-годишна студентка на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад.
„Нашата основна вредност е: без лидери“, додава таа.
На првиот импровизиран пленум во декември, биле полни четири амфитеатри, се присетуваат присутните.
Организацијата тогаш била хаотична, без јасна структура.
Затоа студентите воведоа систем на означување со бои за да ги филтрираат оние кои го нарушуваат собирот – оние кои ги прекршувале правилата или се обидувале да го саботираат движењето.
Формирале работни групи во посебни простории – за управување со донации, координација меѓу факултетите, или осмислување на пароли.
Шест месеци подоцна – владее дисциплина.
Протести без преседан
Србија во минатото сведочела големи протести, особено во деведесеттите, а од 2016 година протестите станаа речиси редовна појава.
Но, „интензитетот и размерот на овој протест се без преседан во последните 30 години“, вели Вујо Илиќ, политички истражувач од Универзитетот во Белград.
„Она што го разликува квалитативно е токму пленумот… директната демократија“, изјави тој за AFP. „Никогаш порано масовните протести не биле поврзани со ваков облик на одлучување.“
Илиќ нагласува дека овој модел повеќе се потпира на прогресивните движења од Запад – како „Occupy Wall Street“ – отколку на наследството од комунистичкиот период во Србија.
Според последниот извештај на „Transparency International“, Србија се наоѓа на 105. место од 180 земји на листата за перцепција на корупција – најлошо рангирање во повеќе од една деценија.
Дневен ред и правила
Затоа студентите, кои немаат доверба во политичките партии и институциите, самите ги поставиле своите правила – и се придржувале до нив, вели Илиќ.
На почетокот на секој пленум се гласа за дневниот ред. Говорите се временски ограничени и модерирани од ротирачки модератори. Секој факултет има свои кодови за гласање, појаснувања и корекции на коментари, а сите записници се споделуваат во онлајн групи.
„Тоа е строга процедура што се обидуваме да ја почитуваме. Понекогаш е комплицирано и тешко е да се сумираат сите аргументи,“ признава Маја. „Но тоа е процес на учење.“
Пленумите можат да траат со часови, да бидат исцрпувачки и полни со тензии.
„Дефинитивно е најбавниот начин на одлучување“, вели Ангела, студентка на Академијата за деловни и применети уметности во Белград.
Минаа три месеци од падот на владата во февруари до официјалниот повик на студентите за вонредни парламентарни избори.
„Но тоа е процес во кој веруваме“, вели Ангела. „Тоа е единствениот начин одлуките да се донесуваат на повисоко ниво и сите да бидат вклучени.“
„Тоа е демократско тело што го избравме како најдобро.“
Потешко таргетирање
Тој пристап им го отежнува и на претседателот Александар Вучиќ и на провладините медиуми да таргетираат поединечни активисти.
„Не можат да не обвинуваат сите – затоа што сме илјадници“, порачува Ангела.
Студентите, исто така, одбиле соработка со политички партии, што им донело дополнителна поддршка, иако Вучиќ редовно ги обвинува дека се под влијание на странски сили.
„Завршивме со вашите барања“, им порача Вучиќ на своите поддржувачи на митинг во саботата, мислејќи на студентите.
Младите – кои сочинуваат повеќе од 18% од населението на Србија – се обидуваат да го прошират својот модел на организирање и на делови од земјата надвор од големите градови.
„Прашање е дали нивната практика може да се пренесе надвор од универзитетите“, вели Илиќ. „Но без оглед на тоа, ова секогаш ќе остане дел од наследството на едно општествено движење.“
Месеците активизам би можеле да прераснат во некој вид студентска политичка организација.
Нивниот модел на одлучување би можел да остави траен белег во општеството што длабоко не му верува на изборите, партиите и парламентот.
„Тоа е трансформативно искуство – и за студентите и за целото општество“, заклучува Илиќ.
Извор AFP