Што имаат заедничко артилериската граната од 155 мм и растечкото поле со пченица? Одговорот е – амонијак, клучна компонента во производството на ѓубрива што е исто така неопходна за модерните експлозиви.
Европските земјоделци и производителите на ѓубрива ги чувствуваат последиците од порастот на цената на амонијакот, чие производство во Европа стана значително поскапо по енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина.
Но, во одбранбениот сектор, тивко се развива уште една зависност, при што производителите на оружје сè повеќе се потпираат на увоз на амонијак, потенцијална слабост во свет полн со геополитички неизвесности, пишува Euractiv. Русија традиционално е еден од главните добавувачи на амонијак во ЕУ, а руската храна, ѓубрива и суров амонијак се ослободени од санкциите на ЕУ во време на војна за да не се загрози глобалната безбедност на храната.
Околу 80 проценти од светското производство на амонијак се користи за ѓубрива, додека воените потреби сочинуваат само околу 3 проценти, според Стивен Џексон, директор на здружението „Амонија Европа“. Сепак, амонијакот игра клучна улога во одбранбениот сектор бидејќи е клучна состојка во производството на азотна киселина, хемикалија што се користи во експлозиви, барут и ракетно гориво.
Азотната киселина и амонијакот за ѓубрива генерално се произведуваат во истите фабрики. Во Европа, тие фабрики се наоѓаат претежно во Германија, Полска, Норвешка и Шпанија, објаснува Џексон. Ова значи дека падот на производството на ѓубрива има последици и за други сектори, вклучително и за воената индустрија.
Денес, многу фабрики за амонијак се или затворени, или го намалиле својот производствен капацитет, или се префрлиле на увезени суровини, со оглед на тоа што производството зависи од природниот гас. Зголемените цени на гасот во Европа значеа дека амонијакот сега во голема мера се произведува во Русија и САД, каде што гасот е многу поевтин.
„Кога ќе ги комбинирате високите трошоци за гас со застарените капацитети, добивате производ чие производство во Европа е исклучително скапо“, рече Лизи Ланкастер, виш репортер за пазарот на амонијак во Argus Media, додавајќи дека губењето на евтиниот руски гас поради војната во Украина дополнително ја влоши ситуацијата.

Кризата со ѓубрива во ЕУ во текот на 2022 година, предизвикана од војната во Украина и експлозијата на цените на енергијата, во суштина беше криза со амонијак. Потоа производителите го намалија производството до 70 проценти. Иако подоцна беше обновен дел од капацитетот, таа криза го означи почетокот на крајот на домашното производство на амонијак во ЕУ, бидејќи високите трошоци го прават европскиот амонијак неконкурентен во споредба со увозот.
Во февруари, директорот на германскиот хемиски гигант BASF, Маркус Кемит, предупреди дека во иднина „амонијак повеќе нема да се произведува во Европа, туку ќе се увезува“.
Компанијата претходно објави затворање на неколку свои фабрики за амонијак. Слично на тоа, норвешкиот производител на ѓубрива Јара го потврди затворањето на својата последна фабрика за амонијак во Велика Британија, по затворањето на нејзиниот објект во белгискиот град Тертр.
Лоши вести за земјоделството, но и за воената индустрија
Ова не е само лоша вест за земјоделството, туку и растечки предизвик за производителите на оружје во Европа.
„За производство на азотна киселина, ни се потребни производители на ѓубрива. Денес, во голема мера се потпираме на руските производители“, изјави за „Еурактив“ Тиери Франку, директор на францускиот гигант за барут „Еуренко“.

По руската инвазија во 2022 година, европските производители на ѓубрива се пожалија на нелојална конкуренција, тврдејќи дека евтините, државно субвенционирани руски ѓубрива го преплавуваат пазарот на ЕУ и ги истиснуваат домашните производители. Франку се согласи со тие критики, нагласувајќи дека руските ѓубрива „влегоа во ЕУ без никакви трговски бариери“.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Дирекцијата за аграрни плаќања објави јавен повик за поднесување барања за одобрување на проекти за ИПАРД стимулации за инвестиции во физички средства на земјоделски стопанства за купување нов трактор во рамките на програмата ИПАРД III.
Иако амонијакот не беше опфатен со санкциите, ЕУ последователно презеде чекори за намалување на увозот од Русија со наметнување тарифи и барање алтернативни добавувачи.
Сепак, дури во јули оваа година беа воведени увозни давачки за руски азотни ѓубрива, вклучувајќи производи на база на амонијак, потег кој компанијата Јара го оцени како „премногу доцна“.
Паралелно, Блумберг откри во март дека руските производители на експлозиви користат руски подружницина компаниите за ѓубрива во Европа да продолжат да ја снабдуваат воената индустрија со азотна киселина, искористувајќи ги исклучоците од санкциите наменети за заштита на снабдувањето со храна.
Импулсот на военото производство
Европската комисија вложува значителни напори за зголемување на капацитетот на одбранбената индустрија на ЕУ, од новоодобрената програма за воени заеми SAFE од 150 милијарди евра до програмата EDIP од 1,5 милијарди евра за модернизација на воено-индустриската база, која сè уште е во фаза на преговори.
Сепак, клучните ресурси како што се амонијакот и азотната киселина честопати не се дискутираат.
Лидери во индустријата, како што е Франко од Еуренк, предупредуваат дека „нема проширување на капацитетот без оживување на хемиската индустрија во Европа“. Тој, исто така, ги обвинува строгите еколошки прописи на ЕУ за забавување на секторот. Оваа година, Еуренко повторно отвори линија за производство на барут во францускиот град Бержерак, која беше затворена со години. Планот е да се зголеми производството на 1.200 тони годишно, а потоа на 1.800 тони.
Зголемувањето на капацитетот за производство на барут е во срцето на стратегијата на Европа за обезбедување клучни одбранбени ресурси. За време на посетата на објектот во 2024 година, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека тој е дел од француската „воена економија“ во ерата на „геополитички промени во кои одбранбената индустрија ќе игра сè поважна улога“.

За Франко, опстанокот на европската хемиска индустрија мора да биде дел од таа стратешка промена бидејќи „без хемиската индустрија, барут не може да се произведува.
Европската комисија ги направи првите чекори во таа насока. Во јули, амонијакот беше назначен за „суштинска“ хемикалија за европската економија според новиот Акциски план за хемиската индустрија.
„Го поздравуваме фактот што, за промена, конечно нè препознаваат како клучни“, рече Џексон.
Сепак, овие планови сè уште не го решаваат фундаменталниот проблем бидејќи високите цени на гасот продолжуваат да го задушуваат европското производство на ѓубрива. Аналитичарите, како што е Ланкастер, предвидуваат дека Европа ќе мора да го удвои увозот на амонијак во следните пет години.
„САД ќе станат сè поважен снабдувач за Европа бидејќи имаат поголем капацитет и многу евтин природен гас“, рече Ланкастер.
Во моментов, американскиот амонијак е предмет на царина на ЕУ од 5,5 проценти, но таа давачка би можела да се укине како дел од трговскиот договор склучен на 27 јули помеѓу Брисел и Вашингтон. Минатата недела, висок функционер на ЕУ објави дека Брисел ќе ги укине царините за некои американски ѓубрива да ги замени руските испораки, но не прецизираше дали ова ќе важи и за амонијакот.
Дури и со царините, САД станаа еден од најголемите добавувачи на амонијак, при што увозот од САД се зголеми од 17.800 тони во 2019 година на 141.800 тони во 2024 година. Други добавувачи се Тринидад и Тобаго, Египет, со кој ЕУ ја зајакнува соработката, и Алжир.
Сепак, додека глобалните пазари нудат флексибилност на краток рок, политичките промени можат да предизвикаат шокови во синџирите за снабдување со храна и оружје. Протекционистичките трговски политики на Трамп ја истакнаа ранливоста на ЕУ на ваквите промени.
„Не само што ќе бидеме зависни од Русија, туку ќе бидеме и зависни од Трамп“, предупреди Антоан Хоџа, директор на здружението „Гертилизерс Европа“.